Грејпфрут
Хранливи вредности на грејпрфутот:
Освежувачкиот и вкусен грејпфрут е богат со хранливи фито-материи, како што се витаминот А, бета-каротините и ликопенот. Ова уникатно рајско овошје е многу популарно помеѓу луѓето кои се грижат за своето здравје и фитнесот, бидејќи содржи голем број хранливи материи и растителни хемикалии кои придонесуваат за оптималното здравје и општата благосостојба.
Растението е суптропско цитрусно дрво кое припаѓа во фамилијата rutaceae од родот citrus. Научното име му е citrus paradisi.
Зеленото растение кое се одгледува поради плодот, првпат било откриено на Карипскиот остров Барбадос, но во денешно време се одгледува на повеќе места во светот. Всушност, ова овошје е хибрид од помело и портокал. Дрвото расте до 15 метри во височина и раѓа бројни снопови жолто-портокалови плодови секоја година.
Секој плод има сфероидна форма, достигнува дијаметар од 7 до 10 сантиметри и тежи до 150 грама. Месото е сегментирано, исто како кај портокалот, многу е сочно, кисело, варира според бојата, во зависност од сортата (може да биде бело, розово и црвено) и според вкусот од горчливо до благо. Иако некои сорти немаат семки, други можат да содржат и до 50 бели, зашилени семки со должина од приближно 1 сантиметар.
Здравствени придобивки од грејпрфутот:
- Вкусниот грејпрфут има ниска калорична вредност, но е богат со нерастворливи растителни влакна, пектин, кои се однесуваат како физички лаксатив, со што ја заштитуваат слузокожата на дебелото црево со тоа што го скусуваат времето на изложеност на токсични супстанци во дебелото црево, а истовремено се врзуваат со канцерогените хемикалии во дебелото црево.
- Пектинот исто така може да го намали нивото на холестерол во крвта преку намалување на реапсорпцијата на жолчната киселина (која се сврзува со холестеролот) во дебелото црево.
- Содржи многу добра количина витамин А (околу 1.150 интернационални единици на 100 грама) и флавоноидни антиоксиданси, како што се: нарингенин, бета-каротин, ксантин и лутеин. Научните студии покажаа дека овие соединенија имаат антиоксидантски својства и се клучни за добриот вид.
- Витаминот А исто така е потребен за одржување на здравјето на слузокожата и кожата. Конзумирањето овошје богато со витамин А и флавоноиди помага во заштитата од рак на белите дробови и усната празнина.
- Грејпфрутот е добар извор на антиоксидансот витамин Ц. Обезбедува дури 52 проценти од дневно препорачаната доза. Витаминот Ц е моќен, природен антиоксиданс кој му помага на телото да развие отпорност кон инфективните агенси и да ги собере штетните слободни радикали. Исто така, витаминот Ц е неопходен за одржување на здравјето на сврзното ткиво, но и за заздравување на раните. Воедно, ја овозможува и апсорпцијата на железото од храната во дигестивниот тракт.
- Свежиот грејпрфут е многу богат со калиум. Калиумот е важен дел од клеточните и телесните течности и помага во регулацијата на работата на срцето и крвниот притисок.
- Црвените сорти на грејпрфут се особено богати со најмоќниот флавоноиден антиоксиданс, ликопен. Научните студии покажаа дека ликопенот ја заштитува кожата од оштетување од УВ зраците и обезбедува заштита од рак на простатата.
- Исто така, грејпфрутот е добар извор на фолати, железо, калциум и други минерали.
Избор и складирање:
Сезоната на грејпрфутот започнува во септември и трае до декември. Зрелите плодови обично се берат од дрвото механички и поради тоа можат да имаат површни оштетувања. Таквите мали траги на лушпата обично не влијаат врз квалитетот на овошјето.
Во продавниците, купувајте свежи плодови кои имаат сјајна боја. Тие треба да се цврсти, но да попуштаат при нежен притисок и потоа веднаш да ја повратат својата првична форма. Не треба да имаат набори на лушпата, треба да се тешки за својата големина и да оддаваат слатка арома. Избегнувајте ги плодовите кои се премногу меки или имаат точки на лушпата, бидејќи бргу се расипуваат.
Грејпфрутот може да се чува на собна температура неколку дена, но во одделот за овошје и зеленчук во Вашиот фрижидер може да остане свеж и до 3 недели. Ако се чува во фрижидер подолг период, на температура под 10 степени, ова овошје може да добие оштетувања како последица на студот.
Употреба во кујната:
Измијте го грепфрутот со студена вода пред да го конзумирате, за да ги отстраните сите остатоци од прав или пестициди, иако нема да ја јадете лушпата, сепак, сечењето неизмиен плод може да пренесе прав или бактерии од лушпата во месото, преку ножот.
Грејпрфутот обично најлесно се јаде свеж, со пресекување на плодот на две еднакви половини и потоа вадење на месото со лажица. Исто така може да се јаде и како портокал. Излупете ја лушпата со раце или пак со нож, отстранете ја белата луша која се наоѓа врз месото, како и малите бели влакненца и семките.
Совети за приготвување:
- Парчињата грејпрфут се одличен додаток за секоја овошна салата.
- Свежиот сок од грејпрфут е исклучително освежителен пијалак.
- Исто така може да се користи за приготвување десерти, џем и мармалад.
Здравствено предупредување:
Научните студии покажаа дека голем број лекови имаат несакана реакција со грејпрфутот. Неколку состојки во грејпрфутот наречени фуранокумарини неповратно го инхибираат цитохромниот P450 3A4 изоензим (3A4) во ѕидовите на органите од гастроинтестиналниот тракт и црниот дроб. Инхибицијата на овој ензим ја намалува претсистемската метаболизација на лекови земени до 72 часа по конзумирањето на грејпфрутот и значително го зголемуваат нивното ниво во крвта. Ова резултира со зголемување на присуството на лековите до несакани или дури и токсични нивоа. Поради тоа, строго се препорачува да се консултирате со матичниот лекар пред да конзумирате сок од грејпфрут, доколку сте на каква било терапија со лекови.
Дел од најчесто користените лекови кои имаат несакана реакција со грејпфрут и не треба да се конзумираат во комбинација со ова овошје се:amiodarone
- astemizole (Hismanal)
- atorvastatin (Lipitor)
- budesonide (Entocort)
- buspirone (BuSpar)
- cisapride (Propulsid, Prepulsid)
- lovastatin (Mevacor)
- mifepristone (Mifeprex)
- sildenafil (Viagra)
- simvastatin (Zocor)
- terfenadine (Seldane)