Босилек
Хранливи вредности на босилек:
Кралот на билките, босилекот, е едно од најстарите популарни растенија, богато со голем број хранливи фито-материи кои го одржуваат доброто здравје. Ова ценето растение се смета за „света билка“ во повеќе култури во светот.
Босилекот потекнува од Иран, Индија и други тропски региони во Азија. Ова грмушесто, едногодишно растение се одгледува за лековитите лисја и семе. Босилекот најдобро успева во топли, тропски услови. Целосно израснатото растение достигнува височина од просечно еден метар. Лисјата се светло зелени, свиленкасти, долги приближно 6 сантиметри и широки околу 2,5 сантиметри, со спротивна подреденост. Цветовите се прилично големи, бели и наредени во низа.
Постојат повеќе видови босилек. Медитеранската сорта обично се нарекува благ босилек и има светло зелени лисја, за разлика од азискиот босилек, кој има големи, влакнести стебла со розови цветови, виолетови или црвени листови и има силен вкус. Исто така постои и лимонов босилек, кој има „вкус на лимон“.
Здравствени придобивки од босилек:
- Листовите од босилек содржат повеќе растителни хемикалии за кои е познато дека имаат превентивни и лековити својства.
- Босилекот содржи голем број полифенолни флавоноиди, како ориентин и виценин. Овие соединенија беа лабораториски тестирани, за можната антиоксидантска заштита од липидната пероксидација предизвикана од радијација, во црниот дроб на глувци.
- Листовите од босилек содржат голем број есенцијални масла кои се корисни за здравјето, како што се: еугенол, цитронелол, линалул, цитрал, лимонен и терпинеол. Овие соединенија имаат потврдени антивоспалителни и антибактериски својства.
- Деловите од растението имаат многу ниска калорична вредност и не содржат холестерол, но се многу богат извор на голем број есенцијални хранливи материи, витамини и минерали, клучни за доброто здравје.
- Листовите од босилек се одличен извор на железо, содржат 3,17 милиграми на 100 грама свежи листови (околу 26 проценти од препорачаната дневна доза). Со оглед на тоа што железото е составен дел од хемоглобинот во црвените крвни зрнца, го одредува капацитетот на пренос на кислород во крвта.
Избор и складирање:
Босилекот може да се одгледува во саксија или во градина во дворот, за свежите листови да Ви бидат при рака секогаш кога е тоа потребно.
Во продавниците, одберете свеж, органски одгледуван босилек наместо сушен, бидејќи тој има подобар квалитет и подобар вкус. Свежите листови од босилек имаат изразена зелена боја и не треба да имаат потемнети или пожолтени делови. Сушените листови и семе од босилек исто така можат да се најдат во продавниците, но босилекот сушен на сонце или со вештачка топлина може да има значително намален количество на витамин Ц и каротиноиди.
Свежиот босилек треба да се чува во фрижидер, во херметички затворени садови. Сушениот босилек треба да се чува во добро затворен стаклен сад, на студено, темно и суво место, каде што може да остане свеж и до 6 месеци.
Употреба во кујната:
Измијте го свежиот босилек со студена вода од чешма или потопете го во сад со вода неколку минути, за да се отстранат евентуалните остатоци од нечистотија или пестициди. За да се зачува мирисот и вкусот во целост, босилекот во рецептите обично се додава во последен миг, затоа што пролонгираното готвење резултира со испарување на есенцијалните масла.
Листовите од босилек се користат за додавање вкус на секој зеленчук, пилешко месо или јадења со печено месо. Босилекот често се користи и за приготвување јадења со домати и јајца, супи, чорби и салати.
Совети за приготвување:
- Свежиот или сушен босилек се користи за приготвување супи и други јадења.
- Исечканиот свеж босилек додава свежина на зелените, но и на овошните салати.
- Босилекот е една од главните состојки во песто, зелен сос кој се додава во супи, зеленчук, риба и тестенини во медитеранските кујни.
- Еден вид пијалак направен од семе од босилек е популарен во повеќе земји во Азија.