Бабури
Хранливи вредности на бабурите:
Бабурите или благите пиперки се најпопуларни помеѓу пиперките од фамилијата capsicum annum. Се работи за мало, повеќегодишно, грмушкасто растение од фамилијата solanaceae, од родот capsicum. Научното име им е capsicum annum.
За разлика од другите членови во оваа фамилија, благите пиперки имаат карактеристична бабуреста форма, со крцкава, дебела, месеста кожа. Во споредба со другите припадници на фамилијата capsicum, бабурите се многу малку лути, но најчесто не се лути. Другата важна разлика е што низ целиот свет се користат како зеленчук, а не како зачин.
Пиперките потекнуваат од Мексико и други региони во Централна Америка, од каде што биле распространети низ целиот свет од шпанските и португалските истражувачи во 16 и 17 век. Денес се одгледуваат масовно во многу краишта на светот, како важна, комерцијална култура. Како и другите пиперки, така и бабурите имаат неколку сорти. Сепак, видот на растението и начинот на кој плодовите се распоредени (по 3 до 5 на гранче) се заеднички за речиси сите видови.
Лутината на пиперките се мери со Сковилови единици за пикантност (СЕП). На Сковиловата скала, благата бабура има вредност 0, додека пиперката халапењо има од 2.500 до 4.000, а мексиканските хабањероси од 200.000 до 500.000 единици.
Здравствени придобивки од бабурите:
- Бабурите содржат импресивен список на растителни хранливи материи, за кои е познато дека имаат улога во превенцијата на болести и одржувањето на здравјето. За разлика од другите пиперки, бабурите имаат ниска калорична вредност и мал процент на масти. Во 100 грама има само 31 калорија.
- Благите пиперки (бабури) содржат мали количини од алкалното соединение капсицин. Раните лабораториски истражувања направени на цицачи покажале дека капсицинот има антибактериски, антиканцерогени, аналгетски и антидијабетски својства. Кога се користи разумно, исто така може да помогне во намалување на триглицеридите и лошиот, ЛДЛ холестерол во крвта кај лицата со прекумерна телесна тежина.
- Бабурите содржат соодветна количина есенцијални минерали. Дел од овие минерали се: железо, бакар, цинк, калиум, манган, магнезиум и селен. Манганот се користи како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас. Селенот е антиоксидантски микро минерал кој дејствува како кофактор на ензимот супероксид дисмутас.
- Бабурите исто така содржат и солидна количина витамини од Б-комплексот, како што се: ниацин, пиридоксин (витамин Б6), рибофлавин и тиамин (витамин Б1). Овие витамини се есенцијални, поради тоа што телото мора да ги добие од надворешни извори за да ги надополни резервите. Витамините од Б-комплексот преку разни ензимски функции го овозможуваат клеточниот метаболизам.
Избор и складирање:
Свежите бабури се достапни во продавниците во текот на целата година. Купете ги кога се свежи, цврсти, со приближно еднаква големина и сјајна боја, но и цврста зелена дршка. Треба да имаат мазна површина, да немаат оштетувања и да бидат тешки кога ќе ги земете в рака.
Избегнувајте ги претерано меките и избледени пиперки. Исто така избегнувајте ги и оние што имаат исекотини или дупчиња, точки, скапани делови или исушени дршки.
Штом ќе стигнете дома, треба да ги складирате во фрижидер, во најлонска ќеса, за да останат свежи и до 4 дена. Доколку се складираат на подолг период, можно е да дојде до скапување.
Употреба во кујната:
Вообичаено, свежите пиперки се третираат исто како и секој друг зеленчук во кујната. Нивната цврстина, заедно со деликатниот благ вкус, ги прави една од најбараните состојки во светот на готвењето.
За да ги подготвите, измијте ги пиперките со студена вода од чешма. Пресечете ја дршката и исфрлете ја. На овој начин ќе можете да ја видите внатрешната структура. Отстранете го јадрото заедно со семките. Сега имате празна пиперка која наликува на чашка. Исечкајте ја со остар нож, на кругчиња, исто како што сечете кромид.
Иако благите пиперки имаат најмала содржина на капсицин од сите пиперки, сепак може да дојде до излутување на рацете и иритација на устата и носот, очите и грлото. Поради тоа, луѓето кои се особено чувствителни треба да користат ракавици и маска кога готват со овие пиперки.
Совети за приготвување:
- Свежите бабури се користат како зеленчук во кујната. Можат да се јадат како дел од салата, да се пржат, да се печат или да се полнат.
- Во повеќе делови од Јужна Азија, се мешаат со друг зеленчук, како компири (алоо-симла мирч), моркови, модар патлиџан, боранија, итн.; заедно со домати, лук, кромид, ким, горчица и други зачини, со што се добиваат извонредно вкусни пржени јадења.
- Исто така можат да се полнат со ориз, месо, кашкавал, сушено овошје, јаткасти плодови, итн., по што се печат.
- Бабурите можат да се испечат и потоа да се сервираат со сос, кашкавал и маслиново масло или макала.
- Ситно сечканите бабури се користат во кинеската кујна, за пржени јадења и за кнедли.
- Благите пиперки се една од најпопуларните состојки во италијанската пица и тестенините.