Џем од праски со лаванда и витамин Ц
Шмек лудница! Од тегла да сркаш и да не бараш ништо друго =))
Пишав мали дози за ориентација, инаку ние спремивме окулу 35кг праски во две мали тури дома на шпорет и една голема на ќумбе.
Секој џем се прави на истиот начин. Дозата е килограм овошје, половина килограм шеќер и по вкус се додава на крај ако не ви е доволно благо. Секогаш оставајте го убаво да се олади пред да го пробате и да се олади убаво за да се види густината.
Ние не користиме желатин и џемфикс, ги избегнуваме заради конзервансите. Тоа е и целта на домашното приготвено, да е поздраво. Затоа работиме со половина килограм шеќер. Оние кои користат, можат да стават и помалку шеќер.
Праските се лупат и се сечат на парченца, се ставаат во цедалка како за макарони да се цеди сокот во друг сад додека се лупат. Супер би дошол виножито сетот на Делимано. Ова ќе го намали времето на варење. Праските се сочни, па непотребно ќе се варат подолго, а може и да потемнат од долго варење.
Од како ќе ги излупите и исцедите испасирајте ги како вам ви одговара, во блендер, на машина за месо, со рачен блендер и сипете ги во садот во кој што ќе ги варите.
Сокот што ќе остане од цедењето на праските, слободно испијте го свеж.
Додадете го и витаминот Ц издробен како прав. Витаминот Ц се додава за да се спречи или намали потемнувањето на праските. Ние на дозата од 20-25 кг праски додадовме 3 апчиња витамин Ц од 500мг убаво истолчен во прав.
Варете на среден оган додека не почне смесата да се згуснува. Ако огинот е многу јак, смесата ќе прска и ќе ве испоизгори (зборов ми е....убиќу се) =))
Мешајте повремено да не се залепат праските на дното.
Шеќерот ќе го додадете некаде кон крајот и ќе мешате убаво да се растопи. Смесата ќе стане малку потечна од шеќерот, но ќе се згусне со самото варење.
Ние шеќерот го додаваме кон крајот или барем на средина на приготвување за џемовите да не потемнуваат непотребано од каремлизирањето на шеќерот кој предолго се варел.
Кога смесата е доволно густа за ваш вкус (сепак за вкусови се работи) додадете ја лавандата.
Лавандата се додава по вкус. Јас во првата доза додадов свежа лаванда, која е појака на мирис и тие 5-6 тегли со џем се појаки. Мене лично не ми пречи, ама да си знаете. Во таа доза, во тенџере од 5 литри додадов цела полна лажичка свежа лаванда. Значи за мали дози, доволно е 1/4 лажиче.
Или само додавајте ја внимателно, во неколку наврати и по секое додавање пробувајте. Така е најдобро.
Во големото тенџере имаше окулу 20-25 кг праски, додадовме една голема супена лажица сува лаванда и има шмек, ама јас сакам појак, Шеќерко велеше таман е, па компромис го послушав. Ќе чекаме гости да дојдат да пресечат за крај =))
Се сипа во топли тегли кои или ќе ги наредите покрај ќумбето да се топлат или ќе ги згреете во рерна на 50 степени, се затвара убаво со капаче, се редат една до друга да се ладат полека, прекриени со ќебе. Ние ги затваравме и ги редевме во рерна. Рерната е изолирана, теглите врели, наредени една до друга и топли беа до сабајлето. Убаво се вакумираа капачињата, се повлекоа наодле и кога ги притискаш капачињата не мрдаат горе доле. Мисијата џем од праски со лаванда и витамин Ц успешно завршена. Имаме окулу 25 тегли џем. Зимата може да трае колку сака =))
П.С Во првата мала доза што ја спремав, во тенџере од 5 литри додадов една голема лажица цимет во прав и мало лажиче каранфилче во прав. Преубаво испадна.
Лиценца: Сите права се задржани
клара, ме умре со б комплексот :) :) :) :)
љиљо, сакав да го правам како тебе со тоа финтата со лимонот нешто ...што беше, ама многу нормално дека немав лимони дома :) :) :) :)