Подготовка:
Ете, полека, полека стасав и до уште едно израмнување, мојот 800ти рецепт. Што да напишам, а да не се повторам... или само ќе нагласам дека среќна сум што сум од скоро самиот почеток на ова место, што случајно го открив и еве ме тука уште упорно :) Најубави, најбројни рецепти, испробани и потврдени и прекрасно друштво кое дел од сета оваа магија, а да не го заборавиме и составот на Мои Рецепти кому благодарение и сето ова трае и расти се надевам уште доолго, долго време.Како во последно време од одредени причини се ставив на посебен режим на исхрана која не содржи десерти (не можам да готвам нешто а да не пробам, па од кај ќе знам што сум спремила :)), се решив овој момент да го претставам со мојата роденденска торта (не, не ми честитајте роденден, тој беше веќе пред 2 месеци, која и по вкус и по припрема секако заслужува внимание: шушкава на загриз, вкусна, би рекла и тешка за јадење, така што едно парче е доволно да ги задоволи страстите за благо, со добро внимание додека се спрема кората, која и всушност е главната улога во оваа торта, при што освен спремањето и печењето, внимание треба и со сечењето. Рерната се вклучува на 250С. Белките се матат во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Се додаваат мелените ореви и нежно, во една насока се меша со шпатула. Смесата се истура во обложен со пек-хартија плех од рерната и се става во загреаната рерна, на која веднаш температурата се намалува на 180С, после 10 минути на 150С, па после 30 минути на 100С и се печи уште 15 минути.Потоа се подотвора вратата од рерната малку да подолади, па се вади плехот и од него се трга печеното тесто и се става убаво да излади со се хартија на рамна работна маса. Откако добро ќе излади, се вади хартијата. Се спрема филот. Жолчките се матат со брашното и се варат на пареа додека згуснат. Кога филот е доволно густ се трга од оган и се додава нескафето и чоколадото. Убаво се меша и се остава да олади со повремено промешување за да не фати кора. Во оладениот фил се додава изматениот путер и се заедно убаво се мати да се соедини. Кората се дели на 4 дела. Може да се исече по должина на ленти (како јас што ја исеков) или пак накрсно за да се добие четвртаста торта (со димензии отприлика 20х20). За поголема торта потребно е дозата да се дуплира. Секоја кора се филува со филот, последната одозгора само тенко се премачкува. Се топи чоколадото во загреаната слатка павлака и убаво се соединува. Со овој ганаш се прелива тортата при што слободно се остава да тече по страните од тортата. Одозгора се украсува по желба.