Ете, полека, полека стасав и до уште едно израмнување, мојот 800ти рецепт. Што да напишам, а да не се повторам... или само ќе нагласам дека среќна сум што сум од скоро самиот почеток на ова место, што случајно го открив и еве ме тука уште упорно :)
Најубави, најбројни рецепти, испробани и потврдени и прекрасно друштво кое дел од сета оваа магија, а да не го заборавиме и составот на Мои Рецепти кому благодарение и сето ова трае и расти се надевам уште доолго, долго време.

Како во последно време од одредени причини се ставив на посебен режим на исхрана која не содржи десерти (не можам да готвам нешто, а да не пробам, па од кај ќе знам што сум спремила :)), се решив овој момент да го претставам со мојата роденденска торта (не, не ми честитајте роденден, тој беше веќе пред 2 месеци :) ), која и по вкус и по подготовка секако заслужува внимание: шушкава на загриз, вкусна, би рекла и тешка за јадење, така што едно парче е доволно да ги задоволи страстите за благо (хм... добро, можеби и две ;) ), со добро внимание додека се приготвува кората, која и всушност е главната улога во оваа торта, при што освен спремањето и печењето, внимание треба и со сечењето.

Рерната се вклучува на 250С.
Белките се матат во цврст снег со постепено додавање на шеќерот.
Се додаваат мелените ореви и нежно, во една насока се меша со шпатула.

Смесата се истура во обложен со пек-хартија плех од рерната и се става во загреаната рерна, на која веднаш температурата се намалува на 180С, после 10 минути на 150С, па после 30 минути на 100С и се печи уште 15 минути.
Потоа се подотвора вратата од рерната малку да подолади, па се вади плехот и од него се трга печеното тесто и се става убаво да излади со се хартија на рамна работна маса. Откако добро ќе излади, се вади хартијата.

Се приготвува филот.
Жолчките се матат со брашното и се варат на пареа додека згуснат.
Кога филот е доволно густ се трга од оган и се додава инстант кафето и чоколадото. Убаво се меша и се остава да олади со повремено промешување за да не фати кора.
Во оладениот фил се додава изматениот путер и се заедно убаво се мати да се соедини.

Кората се дели на 4 дела. Можи да се исечи по должина на ленти (како јас што ја исеков) или пак накрсно за да се добие четвртаста торта (со димензии отприлика 20х20). За поголема торта потребно е дозата да се дуплира.

Секоја кора се филова со филот, а последната одозгора само тенко се премачкува.

Се топи чоколадото во загреаната слатка павлака и убаво се соединува. Со овој ганаш се прелива тортата при што слободно се остава да линее по страните од тортата.
Одозгора се украсува по желба.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани