Оваа супа е нешто најекономично што можете да приготвите во секое време, ако Ви дојдат ненајавени гости или ете едноставно немате фиде или коцка.
Маринадата во која се спакувани шампињоните, независно дали се во ќеса или тегла, никогаш не ја фрлајте. Јас секогаш ја сочувувам во неколку тегли кои стојат во фрижидер и чекаат.

Супата се приготвува на следниов начин

1. Во тенџере ставете го маргаринот и загрејте на умерена температура. Кога ќе биде стопен и доволно загреан, на него запржете го брашното, без да ја промени бојата. Значи да остане бело, а не да пожолти или потемни. За време на оваа постапка додајте го и црниот пипер и постојано мешајте.

2. Откако ќе биде брашното запржено, ја додаваме маринадата. Количината може да биде и поголема, но и помала од таа што ја наведов. Јас скоро никогаш не ја мерам, ставам онолку колку што имам при рака во моментот.

3. Ја налеваме водата, чија што количина исто така може да варира според Вашите потреби и вкус, посолуваме и ја оставаме супата да зоврие на појака температура.

4. Кога ќе биде готова, ја тргаме од оган и тогаш во неа ставаме една рака исецкан магдонос. На овој начин се задржува и бојата и вкусот на зачинот.

Ете толку!

~Забелешка~

Во маринадата секогаш остануваат мали парченца шампињони,но по желба можете да ставите и дополнително,цели или исецкани ептен ситно.
Ако сакате погуста да биде супата може да ја наголемите и количината на брашно.
Знам дека многу жени избегнуваат да прават запршки, со оглед на тоа што овој процес не се препорачува баш најмногу, но според неколку нутриционисти што ги имам слушано, може да си подготвите суво пржено брашно кое понатаму ќе го користите за слични намени.
За да го подготвите ви треба само добро загреана тава во која ќе ставите брашно по потреба и краткотрајно ќе го обработите термички. Од вака приготвеното брашно може да ја направите запршката од првиот чекор во рецептот.
Јас инаку кога печам леб под него ставам поголема количина брашно и откако ќе го испечам, го собирам во еден сад кој го чувам во фрижидер и го користам за готвење.
Значи живо брашно никако!!!
НАЈВАЖНО
Не користете зејтин за овој рецепт, бидејќи супата добива некако поинаков вкус, исклучиво приготвувајте ја со маргарин!

Ете излезе забелешката подолга од самиот рецепт

Уживајте и во брзината и во вкусот!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови