Чоколадни мини кули со желе бонбони и локум
Обожавам желе бомбони да си ги јадам така, во колачи или торти не ги сакам баш зашто не можам да им го почувствувам вкусот, единствено си ги сакам во непечени торти или слатки, особено во касато. Така си направив моја варијанта на непечени и превкусни колачи, експериментално направив 16 колачи, значи ова е мала доза, слободно може да ја удвоите или утростручите.
Прво сомелете ги бисквитите заедно со наполитанките, јас користев Нутрибулет.
Потоа сомелете ги оревите и измешајте ги заедно со бисквитите и наполитанките.
Локумите и желе бонбоните исечкајте ги на мали парчиња. Оставете од желе бонбоните некое парче за декорирање.
Слатката павлака загрејте ја и во неа додадете го чоколадото, измешајте убаво да се изедначи смесата.
Во оваа смеса додадете ги мелените бисквити, наполитанки и ореви, измешајте и оставете да се олади. Откако ќе се олади, додадете ги сечканите локуми и желе бонбони и измешајте убаво. Ако немате калапи за колачи, можи да направите салама или триаголна форма од целата смеса, завиткајте ја во најлонска фолија и оставете да се излади. Мене првично ми беше таква идејата со тоа што желе бонбоните сакав да ги наредам во средината, ама потоа се премислив и ги ставив во калапи од мраз.
Откако ќе се оладат убаво и стврднат колачите, можи да ги прелеете со глазура од чоколадо и декорирајте со парченца желе бонбони.