И така.... рецептот на Јоли, таа го прави со боровинки и свежи и суви, јас користев сув плод од бозелот и готовото слатко од бозелот, презадоволни сме. Овој кејк се пече во модла на откопчување бр.20, а јас смесата ја поделив во 4 мали модлички, бидејки немам 20 см.
Постапка
ПАНДИШПАН
- Со жица за матење (не ви е потребен миксер) изматете јајцето со шеќерот и ванилата. Кога ќе добиете запенета смеса додадете ја киселата павлака, разбркајте веднаш потоа и стопениот и оладен маргарин. Додадете и брашното во кое сте го измешале пецивото и сушените плодови од боровинка (бозел)
- Ставете во модла бр.20 постелена со хартија за печење и ставете во претходно загреана рерна на 170 степени да се пече околу 25 мин,. Печена извадете, нека олади и пресечете на два еднакви дела.
КРЕМ
- Доколку имате замрзнати боровинки (летото нормално од свежи) сварете ги со шеќерот малку поретко од слатко. Нека олади и испасирајте ги.
- Во сад измешајте маскарпонето со шеќерот и ванилата. Разредете го додавајки ја слатката павлака, ќе добиете еден убав мек крем. Целото ова го работите повторно со жица, миксерот не е потребен со цел да во добиениот крем има што помалку воздух. Додадете во него од желатинот спремен према упатството на паковањето. Измешајте. Од целата количина на кремот извадете 1/3.
- Во двата дела од кремот ставете од пасираните боровинки со тоа што во помалиот дел ставете помалку, ке добиете потемен и посветол крем.
ПРЕМАЗОТ
- Во садче измешајте го крем сирењето со шеќерот.
ФОРМИРАЊЕ
- Во самата модла во која сте печеле прво ставете го едниот дел од пандишпанот, премачкајте со потемниот дел од кремот, врз него ставете го посветлиот, поклопете и лесно налегнете со рацете вториот дел од пандишпанот за да се залепи за кремот. Ставете во фрижидер да одстои околу 2 часа. по кое време извадете и добро премачкајте со премазот од крем сирење.
- Наредете ги темјанушките (или било кој цвет кој се јаде), залијте со светлиот прелив за торти кој ќе го спремате токму според самото упатство на паковањето.
Оставете да се тоа исто така добро зацврсти. ослободете ја страницата на модлата и сервирајте.
НАПОМЕНА
- Идеално би било да се формира кејкот во подвижниот прстен. Може и во модлата за која јас ценам дека сепак за да излезе полно до врв и да има идеални ивици, потребно ќе е 22 бр. Прстенот или страницата од модлата доколку имате ацетатни ленти да поставите покрај зидот за да излезе убава и рамна ивица. Јас немам, имитирам од типот Снјади се, ставам од шушкавите кеси за замрзнувач. супер е и така. иако знам дека со ацетатните ленти е совршено рамно.
- Ако некој се прашува околу цветовите, јас знам дека цветовите од фамилијата на темјанушките се јадат, а има и многу други убави цветови кои исто така се за во кујната - било десерти - било салати.
- Немав маскарпоне, рецептот на Теофанија е брз и од него полесен рецепт нема. Тој е базата како да си направите маскарпоне кога го немате. Немав во моментот ниту крем сирење, јас исто така точната количина од него ја заменив со маскарпонето, премачкав одозгора, потоа залив со преливот за торти, иако Јоли дава упатства за да сето тоа се залие со спремање на желатин во вода во која се додава лимон и кора од лимон. Јас овој дел го изоставив и прибегав накај полесното. Го добивате истиот резултат.
- Како што пишував и погоре, имам бозел - суви плодови и слатко- идеално се вклопи овде.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани