Оваа епска торта со богат вкус е кремасто, чоколадно, лешниково задоволство. Ја има во повеќе варијации, а овој пат јас направив своја комбинација на основниот рецепт, па ви ја предложувам за претстојните празници.

1. Се загрева рерната на 180 степени. Се подготвуваат тркалезни тавчиња или форми со димензии 24 цм. Се прскаат со спреј или се премачкуваат со путер.

2. Во сад убаво се бијат јајцата со шеќерот. Откако го зголемат волуменот, се додава брашното измешано со какаото и пецивото. Подготвената смеса се распределува во тавчињата и се печи десеттина минути.

3. За подготовка на белиот дел се бијат белките во цврст снег, се додава шеќерот, а потоа брашното со мелените лешници. Се меша со шпатула. Смесата се истура во подготвена кружна форма и се печи исто така на 180 степени 8-10 мин.

4. За филот најпрво се топи чоколадото на пареа или во микробранова во кратки интервали со промешување. Чекаме да постигне собна температура.

5. Се бие путерот со нутелата и чоколадото додека се добие еднолична смеса. Се бие и слатката павлака, па се соединуваат.

6. Се филова со распоред како на сликата. Темна кора, фил, кршени наполитанки, светла кора, фил, кршени наполитанки, темна и малку од филот да се обложи целата торта. Одозгора се прелива со глазурата. Таа пак се подготвува едноставно. Слатката павлака се загрева на тивок оган и во неа се топи чоколадото со постојано мешање. Кога ќе добиеме густа, еднолична смеса, го преливаме горниот дел.

7. За декорација околу тортата користев потпечени покрупно сецкани лешници, малку фил помешан 1 лажица од глазурата и фереро роше бонбони.

Освен нутела за филот може да користите се разбира и друг чоколаден крем. За декорација освен лешници може да користите и кршени наполитанки, домашни фереро бомбици и сл. Филот може да биде и без слатка павлака, но ќе биде поинтензивен.

Ви посакувам добар апетит и среќни празници!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови