Фереро рошер торта (без печење)
Тортава се погоди за славење на двоен љубилеј, 10 години Делимано, ама и 10 годишнина од мојот брак со сопругот, која баш овој месец ја славиме.
Кога се мислев што торта да направам, веднаш опција беше да е чоколадна и ајде реков некоја комбинација ќе направам.
А исто се погоди да го искористам за прв пат и Џои сецкото кој го добив на подарок од Мои Рецепти.
Започнуваме со основата, бисквитите ги мелеме, потоа во садот го дадаваме маргаринот, и чоколадното млеко и месиме додека не добиеме убава смеса.
Така добиената смеса ја распоредуваме на основата на округли калап за торта, и ја ставаме во фридижер да се здрви малку.
Во меѓувреме го правиме првиот фил, со миксер ја матиме слатката павлака и кога ќе добиеме убава цврста смеса, ги додаваме сецканите наполитанки, лешници и кремот. Мерките мене од прилика ми се, ама секако можи да се додаде нешто плус зависно што преферирате.
На основата од бисквити го ставаме филот и повторно ја ставаме тортата да се здрви во фридижер.
На крај го правиме вториот фил, чоколадниот. На оган ставаме тенџере и во него ја ставаме слатката павлака и чоколадото, и постепено мешаме додека не се соедини.
Ја оставаме малку да олади и потоа ја преливаме тортата. Некое време чекаме да се олади на собна температура и преку ноќ ја чуваме во фридижер да се стегне убаво.
Утредента ја украсуваме со цели лешници и рендано чоколадо.
Делимано да ни се множат годините и да си славиме уште многу....
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови