Тава со модри патлиџани и домати
Модрите патлиџани се сечат на дијагонални парчиња без да се лупат и се ставаат да се запржат во загреана тава само колку да омекнат малку. Доматите се сечат на кругови. Зелените пиперки се сечат на тенки ленти и се ставаат да се пржат. Кромидот се сече на кругови и се додава во тавата со пиперките. Се пржат заедно 10 минути. Во земјена тава подмачкана со масло се редат скалесто најпрво модрите патлиџани, потоа доматите, се наросува лук во прав и магдонос, врз нив се ставаат пиперките со кромид и се посолува. Потоа се реди врз нив сирењето, се наросува со оригано, се редат повторно домати, се наросува магдонос, се редат над нив модрите патлиџани и на крај уште еден слој разредени домати. Повторно се налева малку масло и лук во прав и се става тавата во рерна. Се пече на 220 степени околу 1 час и 20 минути. При крај од печењето се додава ренданиот кашкавал и се наросува со оригано. Се служи топло во комбинација со мајонез од лук или друг прелив од лук. Пријатно јадење.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови