Тава со компири и печурки
Ова е еден од моите брзи ручеци. Овој пат го спремив со димен свински врат, но може да се спреми и со пилешко исечкано на коцки. И така е супер.
Компирите излупете ги, исечкајте ги на коцки од околу 1 см и ставете ги во тенџере со посолена, зовриена вода да се варат 3-5 минути.
Во меѓувреме печурките измијте ги, исечете ги на четвртинки и ставете ги да се пржат на малку загреано масло. Посолете ги и пржете додека не испари водата. Потоа додадете го свинскиот врат исечен на тенки квадратчиња, измешајте и тргнете од огнот.
Во намастено тавче за печење ставете ги полусварените компири. Посолете ги и измешајте. Врз компирите ставете ги печурките со вратот. Одозгора изрендајте половина од кашкавалот и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени.
Кога ќе биде печено (20-30 минути) извадете го од рерната и изрендајте го останатиот кашкавал, тој ќе се растопи од топлината на јадењето.
Послужете со малку кисела павлака, одлично си одговара.
Пријатен апетит!
Лиценца: Сите права се задржани