Посен сутлијаш подготвен во рерна, вкусен и мирисен, баш есенски рецепт. Нема потреба од стоење и мешање, единствена работа е да се изренда тиквата и да се соединат состојките. Подеднакво е вкусен и топол и ладен.
Уживајте во овој вкусен рецепт!

Подготовка
1. Исчистената тиква ја мериме и ја рендаме во тавата во која ќе го печеме сутлијашот.
2. Го додаваме измиениот ориз.
3. Го додаваме измерениот шеќер и ванила екстрактот.
4. Рендаме кора од портокал по вкус и желба.
5. Млекото во прав го раствораме во вода, ги прелеваме состојките со него.
6. Промешуваме за да се распоредат сите состојки насекаде во тавата. Поклопуваме и печеме во рерна на 200 степени со вентилатор.
7. Печеме околу 40 минути па го отвораме капакот, па печеме уште 10 минути.
8. Го вадиме од рерна, посипуваме цимет и мелени ореви кога ќе подизлади малку.

Забелешка
Ако не сакате посен сутлијаш може да го подготвите со млеко.
Со оваа доза на шеќер излегува баш сладок сутлијаш, а особено пак ако имате и слатка тиква ставено во него. Затоа калкулирајте со шеќерот ако не сакате многу благ да ви биде.
Внимавајте да не го пресушите кога ќе го печете. Јас го сакам да му се двојат зрната, а сепак да не биде преварен. Затоа е добро при крајот на печење да има малку течност на дното која самиот ориз ќе ја впие додека се лади.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани