Рецептот за слаткото ми е од изданието за храна „Софра“ од далечната 96 или 97 год. После толку години повторно сега пак си го направив ова едно од најубавите слатка за мојот вкус.

Најпрво, одберете лубеница со дебела кора. Се користи само белиот дел од кората, излупен од горната зелена цврста кора. Потоа се сецка на ситни коцки кои се натопуваат во ладна вода во која се додава оцетот. Се остава така да стои цел ден.

После тоа, водата се процедува и се налева ладна вода во која слаткото се вари 5 мин. Се истура водата и повторно се налева ладна вода. Се остава да врие 5 мин, па се цеди. Постапката така се повторува уште 5 пати.

На крај, парчињата лубеница се ставаат во сирупот од шеќер и вода, сварен густо, во кој има и исцеден сок од лимоните.
Слаткото се вари додека се добие потребната густина, се отпенува и се покрива со натопена и добро исцедена платнена салвета. Така спремено се остава да преноќи.

Утредента се полнат тегли, предходно стерилизирани во рерна на 100С.
Во оладените тегли се полни, слаткото и се затвора со капачиња или со целофан натопен во алкохол и се стега со гумичка.

Слаткото е многу вкусно, а особено добар шмек му дава доколку го послужите со издробени ореви.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално