Сладолед торта со кајсии и Винчини тортички (без печење)
Мошне вкусен десерт, без печење, а и без варење на филови.Тортичките на Винчини со премаз од џем со вкус на кајсии и какао прелив му даваат посебен шмек и го прават секој залак вистинско уживање. Пробајте го! -)))) Правоаголен калап обложуваме со најлонска фолија. Страниците ги обложуваме со тортичките.Секоја тортичка е засечена на три дела, се раздвојува и поединечно се редат. За појасно видете ги дополнителните фотографии. Ја матиме слатката павлака со шеќерот и ванилата. Кога е добро изматена ја додаваме киселата павлака. Ја соединуваме матејќи со миксер. Добиената смеса ја делиме на три дела. Во првиот дел додаваме рендано чоколадо. Промешуваме. Во вториот дел-пирето од кајсии.На кајсиите им ги вадиме коските и ги блендираме во нутрибулет. Соединуваме со мешање. Во третиот дел-пирето од бананата и еурокремот. Убаво соединуваме. Сега во подготвениот калап го нанесуваме делот со рендано чоколадо. Врз него делот со кајсии, а завршуваме со делот со бананата и еурокремот . Ги доредуваме тортичките, уште две (2 по 3) мене ми останаа. Завиткуваме убаво со фолијата и го ставаме калапот во фрижидер, за убаво да се стегне тортата, за да може да се сече.Најдобро преку ноќ. Потоа го отпревртуваме калапот на соодветна чинија и украсуваме. Пред служење нека отстои тотрата во длабоко замрзнување, тогаш имаме сладолед. Уживајте!