Ролат со шампињони и пилешко филе
Рецептот за овој ролат беше со готови кори и свежи пилешки гради, а јас го изменив и го направив со тесто и чадено пилешко филе.
1. Најпрвин го ставив квасецот да стаса со малку млака вода, 1 лајче шеќер
и 2 лајчиња брашно.
2. Веднаш потоа ги ставив печурките, кромидот и морковот (исечкан на најситни коцкички) малку да се динстаат и при крајот додадов црн пипер и сув зачин.
Откако подизлади во смесата ставив 1 јајце и добро го измешав.
3. Кога е стасан квасецот се замесува тесто со сите состојки, дотурајќи брашно по потреба додека се добие меко тесто што не лепи. Се остава да нарасне на топло.
4. Откако ќе нарасне тестото, со окалгија се размесува кора во правоаголна форма колку што може потанка. Се става филот со печурки, кромид, морков и јајце. Врз него се реди пилешкото филе исечено на поголеми кришки, а врз филето се распоредува кашкавалот (во ленти или рендан).
5. Краевите од кората се виткаат на внатре за да не испадне филот и потоа се витка во ролат.
6. Се остава да стаса додека да нарасе малку и пред печење се мачка со 1 јајце, се наросува сусам, лен и се печи на 200 степени околу 30 минути. После печењето се покрива со крпа, се сечи подизладено.
Ролатот има интересен вкус добиен од комбинацијата на кромидот, печурките и чаденото филе, а и стопениот кашкавал.
Ако се прави со свежи пилешки гради потребно да се исечат на танки шницли, да се посоли и за подобар вкус да се премачка со сенф, а ако се користат готови кори, треба да се ставаат 5-6 кори една врз друга, секоја намачкана со масло, а останатата постапка е иста. Во комбинација со павлака одговара одлично.
Пријатен тек!
Лиценца: Сите права се задржани