Посни панцероти со спанаќ и соја
Овој рецепт го најдов на сајтот на една позната компанија за производство и трговија на производи од доменот на здравата храна. Го испробав и многу ми се допадна, посебно ќе им се допадне на сите што постат и оние што се придржуваат кон режимот на здрава исхрана.
Најправо го мешаме белото со интегралното брашно, ги додаваме зејтинот, квасецот, шеќерот,солта и млака газирана вода. Замесуваме средно меко тесто (зависно од тоа можеби нема потреба да се стави целата вода или пак доколку е премеко тестото, треба да се додаде брашно).
Откако се замеси тестото, се остава да постои, двојно да го зголеми волуменот.
Во меѓувреме се подготвува филот
Кромидот се сечка на ситно и се пропржува на зејтин. Се додаваат соја трошките, кои претходно биле потопени во врела вода и исцедени. Се зачинува со мешан сув зачин и сол по желба. Се пржи сместа 10 минути и на крај се додава ситно насечкан и обарен спанаќ.
Кога тестото ќе нарасне, се расукува кора со дебелина од 3мм. Од кората со помош на калапче или чаша се сечат кругчиња. На средина на кругчињата се става од филот и одозгора се поклопува со друго кругче. На крајот со виљушка се притискаат краевите на панцеротите за убаво да се залепат двете кори.
Се редат панцеротите во тавче врз хартија за печење, се премачкуваат со вода и се наросува ленено семе или сусам. Се оставаат уште 30-тина минути да нарастат.
Се печат во загреана рерна на 200 степени, 15-20 минути или додека не добијат малку боичка.
Овие панцероти се многу здрави и одличен избор за ужинка, не само во деновите на пости. Лесни за правење и вкусни.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови