Лазањи без патлиџан и со сувомеснато, нешто налик на пита со дебели кори, ама превкусна и лесна за подготовка вечера, ќе ви претставам сега. Комбинации колку сакаш, ама и гладни усти кои сакаат секој пат нешто поразлично од претходното, а башка имам и член кој не сака многу многу домати, па во задоволувањето на желбите излезе оваа пита лазања.

1. Кромидот ситно го сечкаме и го ставаме на масло да се упржи. Откако ќе застакли го додаваме меленото месо, го упржуваме и на крај ги додаваме зачините.
2. Свинскиот врат и сланината ги сечкаме на коцки и по желба ги пропржуваме. Бидејќи беа сушени на дрва, јас не ги пржев.
3. Путерот го ставаме да се стопи па го додаваме брашното. Пржиме да пушти мирис и малку да смени боја, 1-2 минути. Потоа налеваме млако млеко и мешаме постојано за да не ни се направат грутки. Јас постепено го додавам млекото и мешам со рачна маталка. Кога ќе се згусне бешамелот ги ставаме зачините и го тргаме од оган.
4. Во огноотпорна намаслена тава редиме ред кори, ред бешамел, ред мелено месо, ред коцки сувомеснато и малку рендан кашкавал врз сето тоа. Постапката се повторува додека да се потроши мастрафот. На последниот ред ставаме бешамел и рендан кашкавал. Печеме со капак во загреана рерна на 200 степени.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани