Печено јагнешко месо со сусам
Многу едноставен и вкусен начин за приготвување на јагнешко месо. По овој рецепт ние дома секој пат го приготвуваме јагнешкото месо, а истиот го добивме од наши роднини од Америка. Всушност, во далечниот континент, одлична комбинација со јагнешкото месо е сусамот. Целата финта во употребата на сусамот е тоа што, сусамот лесно ја неутрализира миризбата од јагнешкото месо, прави вкусна коричка и му дава доста специфичен вкус на месото. Пивото пак, се употребува за да му даде мекост и сочност на месото.
Најпрво јагнешкиот бут се засекува на неколку места. Потоа се посолува и забиберува по вкус од двете страни. Се премачкува со сенф и се додаваат останатите зачини- прво вегетата, па рузмаринот и на крај лукот во прав. Вака приготвеното месо се попрскува со пиво и со масло за јадење.
На крај, целиот бут се наросува со сусам. Се остава месото да отстои околу еден час во фрижидер, потоа тавичката се покрива со алуминиумска фолија, па се става да се пече. Прво се пече околу еден час на 220 степени и потоа додатни 40минути, на намалена температура од 200степени. На крајот, откако по час и 40мин ќе ја тргнете фолијата, месото се остава да зарумени и да фати убава коричка. За ова време, додека заруменува, повремено, месото се прелива со течноста од тавата.
Ова беше нашиот неделен ручек, кој ние го искомбиниравме со печени компирчиња.
Забелешка- Доколку и Вие се одлучите за ваква комбинација, компирот се додава во тавата пред да се извади фолијата и истиот да е претходно зачинет.
Уживајте!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови