Печено ребро со компири
Печењето ребро секогаш е предизвик. Одбирајте свежо ребро, не замрзнато и по можност ставете го во едноставна маринада неколку часа пред печење. Подготовката е едноставна, а долготрајна. Потребното време за печење на ребро обично е повеќе од 2 часа. Подготовка Премачкајте го реброто со масло и сенф убаво од сите страни. Потоа втријте мешан сув зачин, црн бибер, малку лук во прав и други зачини по желба. Убаво втријте ги и оставете го месото неколку часа да се маринира во фрижидер. Потребно е пред печење да го извадите на собна температура да отстои 1 час. Вака подготвеното ребро, ставете го во тавче, налејте 1 филџан вода, посолете уште малку, покријте го тавчето со алуминиумска фолија и ставете да се печи во загреана рерна на 250 степени. После 15тина минути, намалете ја температурата на 200 степени. Печете 1 час па превртете го месото од другата страна да се печи. После половина час, додадете ги исечканите компири околу месото, додадете малку вода и масло, посолете и додадете зачини врз компирите, вратете ја фолијата одозгора и вратете го тавчето да се печи се заедно половина час. После половина час (вкупно 2 часа печење на месото), отстранете ја фолијата да се запече месото и компирите. Потоа откако ќе се запече по 20тина минути, превртете го месото од другата страна, измешајте ги компирите и нека се пече се заедно уште 10тина минути. Вкупно време на печење е отприлика 2 и пол часа. Ова време е ориентационо. Секоја рерна пече различно, зависи и од тавчето за печење, дебелината и свежината на парчето месо итн. Користете го осетот и искуството за да го испечете месото убаво. На крај, коските од месото треба лесно да се одделуваат. На здравје.