Пароцо - италијански Божиќен колач/торта
Во потрага по добар рецепт за Божиќен колач/торта, го најдов овој што потекнува од Италија. Името на тортата е Пароцо, традиционална божиќна торта од регионот Абруцо во Италија. Класичната бадемова торта во форма на купола има вкус на кора од портокал или лимон и се збогатува со богата глазура од чоколадо. Повеќе го сакам вкусот на портокал со чоколадо, затоа тука користев кора од портокал, а не од лимон.
Порано, оваа торта се правела како груб леб, а подоцна ја доби и својата слатка верзија кога некој пекар го потурил лебот со чоколадо за да ги имитира темните области на изгорената површина на лебот, карактеристични за печките што горат дрва. Тортата ја нарекол пароцо.
Оваа торта се пече во калап во форма на купола за да ја задржи својата традиционална форма, но по желба може да се пече во тавче со обрач. Немав калап во форма на купола и не ни најдов во нашите продавници, па верувале или не, го испеков во тенџере Делимано коперлукс.
Кога мојот сопруг го виде колачот, рече „Леле, па тоа е огромен мафин“ хехеххехее.
Подготовка
Загрејте ја рерната на 190 степени. Намрсете го калапот. Јас не го намрсив тенџерето зашто е нелепливо.
Од подготвената 1 чаша брашно извадете 2 лажици и заменете ги со 2 лажици скроб. На тој начин ќе добиеме брашно за торта.
Сомелете ги бадемите во ситен прав и пренесете ги мелените бадеми во сад. Додадете брашно, скроб, гриз, прашок за пециво и сол и промешајте да се соединат.
Во друг сад, изматете ги путерот и шеќерот додека не се соединат убаво околу 3 минути. Додадете ги јајцата едно по едно и продолжете да матите. Додадете кора од портокал. Додадете ја смесата со брашното и матете додека тестото не стане густо и добро комбинирано. Истурете го тестото во подготвената тава и израмнете го горниот дел.
Печете 45-50 минути, или додека не извадите чиста чепкалка од средината на тортата.
Изладете ја тортата, потоа извадете ја од садот.
За глазура
Додадете го желатинскиот прав во 50 мл вода, измешајте и оставете го неколку минути да набабри.
Ставете да се варат шеќерот и водата и додадете го просеаното какао. Додадете го кондензирано млеко, измешајте. Вмешајте го готовиот желатин. Тргнете го тенџерето на страна и додадете го искршеното чоколадо. Мешајте додека не се стопи чоколадото.
Претурете ја готовата глазура низ цедалка и оставете да се олади на околу 32 Ц. Повремено мешајте.
Потоа земете поголем лист хартија за печење или весник и ставете чаша на средина. Ставете ја тортата на чашата.
Полека истурете ја глазурата врз горниот дел од оладената торта. Со шпатула убаво распоредете ја глазурата на краевите на тортата.
Префрлете ја тортата на чинија за сервирање.
Тортата чувајте ја на собна температура или ставете ја во фрижидер. Ако се чува во фрижидер, ставете ја на собна температура пред да ја сервирате.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови