Ова е една од поубавите торти која сум ја направила и на сите им се допадна. Дури ме прашаа и дали е купечка хаха.

ПАНДИШПАН
1. Жолчките ги матиме со миксер додека добијат убава светла боја (колку посветли - поубаво). Потоа го додаваме брашното и матиме со миксерот. Ќе добиете сува смеса.
2. Млекото и маслото ги мешаме заедно во еден сад и постепено ги додаваме кај жолчките и матиме со миксер. Ако ви дојде многу суво слободно додадете 1 до 2 лажици млеко и масло.
3. Во посебен сад ги матиме белките со постепено додавање на шеќерот. Белките изматете ги ни многу цврсто ни многу течно (слика)
4. Во садот со жолчките додадете две лажици од белките и промешајте колку да се *запознаат* и потоа целат смеса додадете ја кај белките и мешајте пополека со лажица да се соедини смесата.
5. Печеме во округол калап бр.26 во загреана рерна на 180 степени околу 20тина минути. Проверете со чепкалка и оставете добро да се излади а потоа пресечете го на два дела хоризонтално.

БАНАНА МУС
1. Желатинот го раствораме во сок од еден лимон и го ставаме во сад со топла вода за да се растопи но да не се згрутчи.(слика)
2. Бананите ги пасираме и 2 лажици од бананите додаваме прво во желатинот (пак да се запознаат), а потоа целиот желатин го ставаме во бананите, промешуваме и оставаме малку да се одморат.
3. Во меѓувреме ја матиме слатката павлака не многу цврсто. Ги додаваме бананите и пополека мешаме со лажица. Не матиме со миксер бидејќи од желатинот ќе се здрви мусот.
4. Во округол калап бр.26 на кој можеме да му го извадиме обрачот, ставаме еден дел од пандишпанот и од горе го истураме мусот од банана и порамнуваме. Тортата ја ставаме во замрзнувач додека го подготвиме мусот од јагода.(околу 1 час да се подздрви)

ЈАГОДА МУС
1. Желатинот го раствораме во сок од еден лимон и го ставаме во сад со топла вода за да се растопи но да не се згрутчи.
2. Јагодите ги пасираме ( потребни ви се околу 800 грама јагоди одприлика - битно е да добиете 400 мл пире од јагоди) и 2 лажици од јагодите додаваме прво во желатинот, а потоа целиот желатин го ставаме кај јагодите, промешуваме и оставаме малку да одморат.
3. Во меѓувреме ја матиме слатката павлака - не многу цврсто ги додаваме јагодите и мешаме со лажица пополека додека добиеме хомогена смеса.

Ја вадиме тортата од фрижидер, над мусот од банани го ставаме другиот дел од пандишпанот и од горе го налеваме мусот од јагоди и убаво израмнуваме.
Тортата ја ставаме во обичен фрижидер околу 3-4 часа да се здрви.

УКРАСУВАЊЕ
1. Шлаг пената ја подготвуваме според упатството на кесичката.
2. На тортата и го вадиме обрачот меѓутоа прво поминете од страните со тап нож или држете околу обрачот топла крпа за полесно да се одвои.
3. Од горе ја украсуваме со шлаг и со јагоди ( од сликите можете да видите како јас ја декорирав)
Толку- спремна за сечење.

НАПОМЕНА
1. Во филовите не ставив шеќер и користев неутрална слатка павлака и тортата испадна многу освежувачка и по мој вкус таман за шеќер. Доколку сакате да е поблага ставете додека го пасирате овошјето.
2. Тортата ја украсив само со јагоди бидејќи бананите може да потемнат, а сакав да ми биде лична. Мој совет е да купите 1-1.5 кг јагоди, одберете ги поубавите за украсување, направете го пирето од јагоди да добиете 400 мл и ако ви останат другите слободно почастете се.
3. Ви препорачувам прво да го ставите мусот од банана бидејќи подобро се здрвува, а од сликата кај мене ќе видите дека е обратно.
4. Доколку не ви се здрвува убаво во обичен фрижидер, пред да ја сечете ставете ја во замрзнувач околу 1 час, но немој да ја чувате нон стоп бидејќи многу ќе се здрви.
5. И како и секогаш што пишувам пандишпанот го направив вечерта, а филовите и целата торта наредниот ден од сабајле.

Како и да е знам дека се изнапишав и се надевам добро објаснав. Топло ви ја препорачувам на сите, бидејќи стварно тортата е преубава.
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови