За мене едно од највкусните меса на скара се откостени пилешки батаци со карабатаци. Ги подготвувам и на грил тава ама вкусот на скара на дрва е незаменлив.

Подготовка
Количината на месо е според потребите. Месото може да го откостите сами или тоа да ви го направи месарот. Најмалку два часа пред да го печете потребно е да го измаринирате. Овој пат го маринирав со млеко , сенф и соодветни зачини. Го премачкувате со сенф, ги втрлувате зачините во месото и го потопувате во млеко па го оставате во фрижидер. Пред да го печете извадете го да биде на собна температура. Скарата ја подготвуваме на стандарден начин, треба да направиме жар кој нема да ни го изгори месото, а сепак ќе го испече. Месото се врти само еднаш. Во спротивно ќе ни биде суво и ќе ги снема соковите што ги содржи. Значи го печеме од едната страна, па го вртиме од другата страна. Откако ќе се испече месото ставете лепињи или кришки леб да ги фати малку топлина и да омекнат, како и да замирисаат на скара.

Забелешка
За зачин за гиро , се мешаат овие состојки по 2 лажички оригано, тимијан, кориандер, лук во прав, магдонос, ким, чили, црвен пипер, буковец.

Препорака
Додека се пече месото направете салата и послужете ги скараџиите со ракија. Скарата одлично оди со пиво, а може и вино.