Минатата година лутицава прв пат ја правев во количина од 2 дози. Зажалив што не направив дупла доза бидејќи многу ни се допадна, ама затоа годинава правевме не 2 туку 4 дози. Ја поставив основата доза во која го намалив само маслото (375 мл. наместо 500 мл.), а се друго е исто како во оригиналниот рецепт кој ми го даде мојата пријателка Валентина, на која и се заблагодарувам многу.

Подготовка
1. Пиперките се мијат, се печат, лупат и се оставаат да се цедат преку ноќ. Наредниот ден, исцедените пиперки се сечкаат на крупни парчиња или побрз начин е кратко да се изблендираат во некаков блендер или сецко.
2. Доматите се мијат, се сечат на половина, се чистат непотребните делови, се рендаат и се ставаат во големо тенџере.
3. Лукот се чисти, се мие, се сечка. Магдоносот се мие и се сечка.
4. Се започнува со пржење на доматите со 1/2 од вкупната количина на маслото, се додека не испари водата.
5. Се додаваат исечканите пиперки, се додава втората половина од маслото, се пржи сето заедно 15-20 минути, па се додаваат солта, киселината и шеќерот.
6. Сето се пржи уште некое време, односно додека не почне да се прави линија на дното на тенџерето кога ќе се помине со дрвената лажица.
7. На крај се става лукот и магдоносот, се измешува и се трга настрана.
Лутицата се собира топла во стерилизирани и топли тегли, кои се покриваат со ќебе и стојат додека не се изладат природно до наредниот ден.

Забелешка
Од 1 доза излегуваат околу 4 тегли, па прилагодете ја количината на состојките според саканата доза.
За лута лутица додадете лути пиперчиња по вкус, оваа е нелута поради децата.
По желба може да се додаде или одземе количината на лук или магдонос.
Вале, уште еднаш фала за рецептот.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани