Ми се чини дека не може да помине поголем празник без присуство на бомбици на трпезата. Овој рецепт е за бомбици со овошна и сочна средина опкружена со вкус и мирис на рум. Се надевам дека ќе ви се допадне.

Најпрво, исцедете ги убаво вишните од компотот. Најдобро е од вечер да ги оставите да се цедат.
Мелените бисквити измешајте ги со какаото, оревите и 100гр. шеќер во прав. Останатиот шеќер карамелизирајте го па додадете ја водата. Оставете да зоврие и варете додека се стопи целиот карамелизиран шеќер. Тргнете на страна и оставете 2 минути малку да се подолади. Додадете го омекнатиот путер во мали парчиња и мешајте се додека да се стопи. Ставете го и румот во течноста, па со сето тоа залејте ги бисквитите. Мешајте со лажица додека се спојат состојките и потоа замесете со рака.
Земајте од тестото количина колку за бомбица со големина од орев. Расплескајте го на дланката и ставете една вишна во средина. Оформете бомбица и извалкајте ја во мелени ореви, шеќер или кокос. Повторете ја истата постапка со останатото тесто. Оставете во фрижидер да се стегнат, па послужете. Уште повкусни се наредниот ден.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани