Лахмаџун или уште турска/арапска пица. Верувам на сите познато, а имаме и рецепт тука. Се решив за една малку поинаква варијанта, плус и рецепт за универзално лиснато тесто кое може да го комбинирате со секаков фил. Многу лесно за подготовка, без да има диплење по неколку пати и одмарање во фрижидер па да отиде цел ден =)))

1. Од сите состојки за тесто замесете средно меко тесто кое не лепи. Поделете го на 6 еднакви дела и од секој дел развлечете коричка со дебелина 6-7мм. Убаво премачкајте со слој маргарин и потоа исечете ја на еднакви ленти (6 или 7). Виткајте ги една по една да формирате полжавче. Убаво набрашнете и ставете ги на чинија. Од сликите ќе видите поубаво. Кога ќе ги направите сите 6 топчиња ставете ги во замрзнувач 1 час.
2. Едно по едно развлечете ги во нешто поголема коричка од тацна за кафе (дебелина 7-8мм, подебела кора од претходно). Исечете на четвртинки, ставете фил во средина и преклопете како плико, средишниот шпиц дел да биде од горе. Само внимавајте да не ги преклопувате сите страни една врз друга, треба да бидат преклопени само со краевите. Така средени сите пликчиња повторно ги враќате во замрзнувач убаво да замрзнат (најдобро преку ноќ). Замрзнати се редат на плех, се премачкуваат со изматено јајце и се ставаат да се печат во убаво загреана рерна на 220-250С.
3. За филот во тава на оган ставете го ситно сецканиот кромид да се пржи. По кратко додадете го и протиснатото лукче. Кога ќе омекнат додадете ги ситно сецканите пиперки да се запржат, а потоа и месото. Кога месото ќе добие убава боја додадете го сенфот, зачините, ситно сецканиот домат и доматното пире. Пржете додека не испари течноста. Оставете филот малку да се излади пред да ги правите пликчињата.

Добар апетит =)

*Јас правев 1ипол доза, односно 36 парчиња па состојките за филот се точно за толку.
*Првиот пат кога ги правев по грешка малку повеќе ги развлеков коричките па не ми се толку пуфкасти, но имате во прилог и друга слика од наредното правење (со сирење) па убаво се гледа колку се лиснати.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани