Рецептот за овој колач го имам од многу одамна, меѓутоа неговиот назив досега го имам сретнато под различни имиња, сепак како и да се вика вкусот е тој. Начинот за неговата припрема е едноставен, со едноставни состојки, ама сепак со единствен вкус.

Подготовка

1. Најпрво го подготвуваме пандишпанот. Во длабок сад ги ставаме жолчките, и со постепено додавање на шеќерот (измешан со ванилата) миксираме до побелување.
2. Потоа ги додаваме млекото, маслото и на крај брашното (просеано и соединето со пецивото). Соединуваме. Вообичаено во смесата додавам само мелени ореви, но понекогаш знам како и сега да ја поделам смесата на 2 дела, во едниот дел ги додавам оревите, а во другиот дел додавам какао (преку цедалка), соединуваме до хомогенизирање.
3. Во тавчето (врз хартија за печење) ставаме наизменично по 1 лажица од смесата со ореви, па од смесата со какао, до нивно потрошување, како за зебра колач. Печеме во загреана рерна на 200 степени (проверете со чачкалица кога е готово, јас печев околу 20 минути).
4. Додека се пече пандишпанот, го припремаме шамот од белките. Во длабок сад ги миксираме белките со постепено додавање на шеќерот до нивно згуснување како за кајмаци.
5. Врз испечениот пандишпан премачкуваме со мармалад, па врз мармаладот го ставаме шамот, па одозгора ставаме сецкани ореви. Враќаме во рерна уште 5 минути (или подолго, доколку сакате да добие шамот кремаста боја). Нека олади колачот, па сечеме парчиња.

Забелешка - Плехот кој јас го користев е со димензии 30х20цм.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани