Едноставна подготовка која е еден вид наша традиција.

Најубаво време за подготовка на оваа кисела зелка е околу 5 Ноември.
Постарите велат дека има време да се направи зелката и расолницата да биде готова за престојните посни слави.

1. Потребно ни е вода, сол, зелка и буре во која ќе ја редиме зелката. Најпрво ги отстрануваме последните листови од зелката, а потоа и ги вадиме кочаните. Во секое празно место каде имало кочан полниме крупна сол, па така спремните зелки ги редиме во едно буренце. Го затвараме буренцето и ја оставаме зелката 24 часа да отстои без вода.
2. После 24 часа, го полниме буренцето со вода, да ги покрие зелките. Јас не ставам ништо друго,иако знам дека некој става цвекло да биде расолницата розева. Сум слушнала и за лимон и уште многу други зеленчуци, но јас ставам само сол и вода.

Знам дека често треба да се вее,како што велат народски, но искрено, јас како го затварам бурето, така го отворам после 4 недели и зелката ми е како свила. Спремна за првата сарма.
Рецептот како рецепт мислам дека скоро сите го знаат, но бидејки имаме и млади домаќинки, па си реков не е лошо да стои овде, можеби некому ќе му притреба.
На здравје.

Забелешка
Јас никогаш не сум ставила винобран, и никогаш не ми се расипала зелката.
Рецептот го пишав како е кажан од поколенија.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови