Италијански палачинки со мортадела и модар патлиџан
Преубава ручек со италијански шмек, кој може да го приготвиме и дома.
За палачинките го приготвуваме прво тестото.
Кршиме 3 јајаца со малку сол и ги матиме кратко со миксер. Додаваме 500 милилитри газирана вода, 13 лажици брашно,1 пециво и 3 лажици зејтин. Тестото е малку погусто од јогурт. Палачинките ги печев во тавче на Делимано бр.24. Од ова тесто испеков 10 палачинки.
За сосот со домати прво ги запржуваме ситно сечениот лук и кромид. Кон нив ги додаваме доматите, излупени и исечени на коцки. Да се динста околу 10 минути. После тоа со рачен блендер се миксира сосот.
Модриот патлиџан го миеме и сечеме ленти, ги посолуваме и ги иставаме малку да отстојат. Потоа се редат во поголем плех, обложен со хартија,се попрскуваат со зејтин и се ставаат во рерна да се запечат. Од 1 модар патлиџан исеков 10 ленти.
Во плехот во кој ќе ги печеме палачинките ставаме неколку лажици од доматниот сос и распоредуваме по целото дно. На секоја палачинка ставаме прво по 2 лажици од сосот, ставаме едно парче модар патлиџан, врз него ставаме парче мортадела, па рендан кашкавал. Замотуваме ролна и ја ставаме во плехот. Така правиме со сите палачинки. Сосот што ќе остане го полеваме врз палачинките. Одозгора поросуваме со пармезан и ги запечуваме на 200 степени колку да се стопи пармезанот и да заруменат. Јадењето е калорично и доста заситува, па 1 палачинка е доволна за 1 оброк, значи количината на состојките може и да се намали.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови