Пред да почнете да правите било што поврзано со лебот, вклучете ја рерната да се загрее на 220 степени. Многу е битно рерната да биде загреана кога ќе завршите со месењето, а месењето нема да ви одземе повеќе од 5 минути.

Во сад каде ќе го замесите лебот просејте го брашното заедно со содата. Додадете ја солта и измешајте со рака. Треба да бидете сигурни дека содата е добро измешана со брашното. Направете длабнатина во брашното, истурете го киселото млеко и измешајте со рака, но многу брзо. Не треба да месите туку само да мешате. Може да користите и нож или вилушка за мешање и ова не треба да биде подолго од 20 секунди. Ќе добиете тесто кое е лепливо и полно со грутки.
Работната површина набрашнете ја и истурете го тестото. Набрзина измесете го тестото, само колку да се оформи топка. Не месете повеќе од 20-30 секунди. Сега префрлете го во тавчето каде ќе се пече, претходно набрашнето, спласкајте го со рацете и исечете го подлабоко во облик на крст. За сечење користете остар нож, скалпел или жилет.
Вака спременото лепче е подготвено за печење и треба веднаш да се стави во загреаната рерна. Се пече околу 40-45 минути додека не порумени убаво.
Кога ќе се испече, извадете го да се излади на решетка, по потоа уживајте.

Пријатен апетит!

Причината зошто целата подготовка трае волку кратко е што лебот треба да биде во рерна додека сеуште трае процесот меѓу содата и киселото млеко, а не се меси за да не се ослободи глутенот од брашното.

Уште нешто... Немам слики од процесот на подготовка бидејќи сакав што побрзо да го спремам, па не можев да сликам. А чинот на печење го пратеше една немила случка (снема струја и 10-15 минути се печеше на помала температура) и претпоставувам дека ќе пораснеше повеќе ако се беше во ред иако и вака го зголеми двојно својот волумен.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани