Интегрална пица со пиперки, домат и кашкавал
Експериментирањето во кујна е еден од најинтересните предизвици. Во потрага по поздрави рецепти, си го измислив овој. Не ми се веруваше дека од прва ќе го погодам. Тестото е тенко, без доминантен мирис и вкус на интегралните брашна, вкусно и меко, убаво се печи за кратко време, а одозгора може да си ставите што сакате. Јас го избегнувам месото и искрено не ми ни фали.
Тестото брзо се прави и одма се шири и се печи, нема потреба од чекање, нарастување и слично. Од оваа количина може да добиете 3-4 пици со средна големина. Со брашната и количините може слободно да експериментирате.
Измешајте ги сите состојки за тестото освен маслото. Замесете тесто со раката, ако е премногу суво додадете сосема малку вода додека не ја погодите густината. И обратно, ако е многу водено, додадете ржано брашно. Тестото треба да е малку лепливо. Месете сосема кратко колку да оформите топка, на крај ставете во дланката 2 лажици масло, премачкајте го тестото и благо замесете го, лепливоста ќе ја снема.
Откинете 1/3 од тестото и на нелеплива тава премачкана со сосема малку масло (користам Делимано коперлукс) раширете го со дланката. Тестото треба да е тенко до 5-6 мм.
Нанесете го доматниот сос, поросете сусам по желба, додадете го кашкавалот, пиперките, доматот, кромидот, маслинките, наросете оригано на крај.
Печете 10тина минути во загреана рерна на максимум. Проверете дали е печена пицата пред да ја извадите.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови