Интегрална пица со пиперки, домат и кашкавал
Состојки
- За тесто
- 1 шола ржано брашно
- 1/2 шола јачменово брашно
- 1/2 шола мешано хељдино и овесно брашно
- 1/2 шола гриз
- 1/2 пакетче прашок за пециво
- 1/2 лажиче сол
- 4 полни лажици павлака
- 2 лажици маслиново масло
- малку вода ако има потреба, во зависност од брашното и процентот на вода на павлаката
- За одозгора (за 1 пица)
- 2 црвени исечкани пиперки (благи или лути)
- 1 домат исечкан на коцки
- неколку тенки кругови кромид
- 100 г рендан кашкавал
- 2-3 лажици доматен сос
- 1 лажица сецкани маслинки
- оригано и сусам по вкус
Подготовка
Експериментирањето во кујна е еден од најинтересните предизвици. Во потрага по поздрави рецепти, си го измислив овој. Не ми се веруваше дека од прва ќе го погодам. Тестото е тенко, без доминантен мирис и вкус на интегралните брашна, вкусно и меко, убаво се печи за кратко време, а одозгора може да си ставите што сакате. Јас го избегнувам месото и искрено не ми ни фали.
Тестото брзо се прави и одма се шири и се печи, нема потреба од чекање, нарастување и слично. Од оваа количина може да добиете 3-4 пици со средна големина. Со брашната и количините може слободно да експериментирате.
Измешајте ги сите состојки за тестото освен маслото. Замесете тесто со раката, ако е премногу суво додадете сосема малку вода додека не ја погодите густината. И обратно, ако е многу водено, додадете ржано брашно. Тестото треба да е малку лепливо. Месете сосема кратко колку да оформите топка, на крај ставете во дланката 2 лажици масло, премачкајте го тестото и благо замесете го, лепливоста ќе ја снема.
Откинете 1/3 од тестото и на нелеплива тава премачкана со сосема малку масло (користам Делимано коперлукс) раширете го со дланката. Тестото треба да е тенко до 5-6 мм.
Нанесете го доматниот сос, поросете сусам по желба, додадете го кашкавалот, пиперките, доматот, кромидот, маслинките, наросете оригано на крај.
Печете 10тина минути во загреана рерна на максимум. Проверете дали е печена пицата пред да ја извадите.