Овие здрави и превкусни бомбици ги направив сосема случајно, и можам да ви кажам дека според мене се идеален начин за подигнување на енергијата на здрав и природен начин. Знаејќи дека таанот е злато полно со витамини, минерали и здрави маснотии, значаен извор на антиоксиданти, има антибактериски својства, а медот пак има многу корисни ефекти како на пример - антифунгални, антибактериски, антивирусни, регенерирачки и општо влијае на зајакнување на организмот. Досега сум правела комбинација од овие 2 намирници во ист сооднос. Овојпат додадов мелени ореви, за да добијам конзистенција за формирање на бомбици, кои многу полесно може да се конзумираат на пример после вежбање, шетање во природа, после работа или во било кое друго време кога ни фали малку енергија.

Подготовка

1. Во длабок сад ставаме 100 гр мед и 100 гр таан, соединуваме до хомогенизирање. Ги додаваме мелените ореви, соединуваме.
2. Од добиената смеса формираме бомбици со големина по желба. Јас ги правев во големина од околу 15 гр и добив 20 бомбици. По мој вкус во дел од смесата додадов какао.
3. Формираните бомбици ги увалуваме во пропржен сусам, мелени ореви, какао (по вкус и желба). Мене лично највкусни ми се со мелени ореви.

*Забелешка - Јас најчесто таанот го правам во домашни услови, и во споредба со купениот е за нијанса погуст, меѓутоа овој пат за бомбиците употребив купен таан (кој е поредок), па затоа во зависност од густината на таанот, доколку има потреба, корегирајте ја количината на мелените ореви.
Бомбиците ги чуваме во пластична кутија, затворени со капак и на ладно место.
Рецепт за домашниот сусамов Таан
https://moirecepti.mk/post/%D0%B4%D0%BE%D0%BC%D0%B0%D1%88%D0%B5%D0%BD-%D1%81%D1%83%D1%81%D0%B0%D0%BC%D0%BE%D0%B2-%D1%82%D0%B0%D0%B0%D0%BD%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D0%B5%D1%9C%D0%B5

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани