Домашни грклани
Да се заблажиме со домашни грклани :) Се замесува тестото, средно и се остава да одмори 10- на минути. Потоа се отвора правоаголна кора што поголема и потенка и се премачкува со 1/3 од маргаринот. Се преклопува преку пола, па се мачка со маргарин и така се дипли и мачка се до мало правоаголниче. Значи 1/3 од маргаринот се користи при првото мачкање. Се става во длабоко замрзнување 30 мин.. Потоа пак се отвора правоаголна кора и се дипли и мачка до мало правоаголниче со втората третина од маргаринот. Оди во длабокото 30 мин.. По трет пат се повторува постапката со третата третина од маргаринот. Добиениот правоаголник го делам на два дела, за додека едниот го работам, ги правам гркланите, другиот да си стои во фрижидер. Повторно оди во фрижидер 30 мин.. После тоа време едниот дел од тестото се вади и се отвора правоаголна кора со дебелина од 3-4 мм. Се сечат ленти со ширина од 1цм., се виткаат околу малку намрсен калап за грклани. Се печат во добро загреана рерна и тоа 10 мин. на 220 степени, па уште 20 мин. на 200 степени, а вие според вашата рерна. Ладни се филуваат. Се полнат со шприц. Филот се подготвува на стандарден начин. Во 750мл. млеко се додава шеќерот и ванилите и се става да зоврие. На страна во остатокот од млекото се раствора брашното, убаво се миксира, за да нема грутчиња. Се матат јајцата и се додаваат на смесата од млекото со брашно. Се убаво се меша, поврзува и се додава во зовриеното млеко, постојано мешајќи на умерен оган, додека кремот ја добие потребната густина. Се трга од оган и се остава да излади, но не целосно, туку да биде млак и тогаш се поврзува со претходно изматениот маргарин. Во целосно изладен фил со лажица се вмешува изматената шлаг пена или крема со ладното млеко. На здравје!