Прано оваа декорација за велигденска трева беше хит и често ја правевме. Потоа во продажба излезе вештачката трева, па овој начин се занемари. Сепак, решив да ви ја презентирам како идеја за предстојните празници, па можеби некому ќе му се допадни ако не знаел или пак ќе се потсети оној кој веќе знае.
Најдобри се стиропорните подлоги од куповните колачи како модли или барем јас така мислам дека нив често сме ги користеле. Но, доколку немате таква при рака, можи и во керамичка рамна чинија. Овој пат пробав и во капаче од дезодоранс и беше исто така интересно. Можи да пробате и во оние картонски подлоги од јајцата, па кога ќе ги редите на нив обоените јајца да бидат со затревен мотив... Но, исто така, добра идеја да се примени овој начин е и во шуплива лушпа од јајце, па истата да ја избоите, исшарате. За жал, јас не успеав во тоа да пробам во интерес на времето и да ви покажам тука.
За да се припреми оваа декорација, се зема парче памук од прилика со големината на модлата која ќе се обложува. Со рацете се подраширува на местата каде е потребно за убаво да се покрие цело дно и убаво се израмнува. Се налева малку вода, колку само да се натопи памукот, но не и да плива во него и одозгора се ставаат зрната жито. Колку густо ќе ги посеете, толку густа трева ќе добиете, но сепак не претерувајте. Според мене, најдобар изглед на трева дава пченицата, но можи да пробате и со овес, `рж, јачмен...
Најдобро е да се чува во просторија со собна температура и повремено да се прати влажноста на памукот и да се додава вода. Можеби ќе треба уште еднаш до два пати да додавате. Зависно од температурата и влагата, после 10 дена до 2 недели треба да имате израстена убава трева за велигденската декорација.
Уживајте во празниците!

Забелешка
Доколку користите картонска подлога, пред да отпочните со процесот, прво ставете алу фолија, бидејќи картонот ќе ја впива влагата и памукот често ќе останува сув, па нема да се добие резултат.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани