Велешки пастрмајлии
1. Свинското месо се сецка на коцкички од вечер, се зачинува и се остава во фрижидер.
2. Во вангличка се става брашното, солта, шеќерот и сувиот квасец и се добро се промешува. Се додава зејтинот и газираната вода, се микса додека се уедначи или добро се измесува со рака. Се остава тестото да нарсне.
3. Се дели тестото на два дела и секој дел се засукува малку, се става во плех со пек папир, а потоа со прсти се формира долгнавеста пита со мал венец околу.
4. Одозгора се реди месото (венецот се остава слободен) и се ставаат неколку мали грутчиња маст овде-онде.
5. Се пече на 200 ст С додека тестото добие светло жолта боја, се вади на брзина, се става едно јајце и се врака во рерната да се допече.
6. Кога ќе се извади од рерната, се поминува венецот од тесто со маста, се покрива со пластична фолија и со крпа и се остава малку да се излади.
Оваа најубава пастрмајлија може да се прави и во еден дел, па да се исече на коцки и да се служи како предјадење. Може и да и се додаде по 100 гр ситно сецкана пастрма, па тогаш го добива вистинскиот шмек. Во Велес не се прават пити со пилешко или друго месо, туку исклучиво со свинско и секогаш со јајце.
Се сеќавам кога татко ми во неделите стануваше во четири наутро ( во кочан зима), го земаше подготвеното месо и јајца и се упатуваше кон фурната на Мегдан. Некаде околу десет не будеше(мене и брат ми), чудесната мириба на свежо испечените пити. Каква гозба беше тоа и колку убави и незаборавни спомени од моето детство.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови