Брза погача по рецептот на вујна ми
Ова е дефинитивно рецептот кој најмногу пати сум го направила во животов. Но, за волја на вистината, не верувам дека некогаш бил идентичен со претходниот. Секогаш нешто менувам – зависно од расположение или од расположливиот материјал во кујната. А што е најдобро од сѐ, никогаш нема утка. Брз појадок или вечера, брза мала закуска за гости...секако се наоѓа.
Состојките што се наведени се основните како во рецептот кој што го имам добиено од мојата вујна пред многу години. Но јас никогаш не го правам со 16 лажици (бело) брашно – тој дел секогаш го менувам (добро, најверојатно првиот пат сум го направила во оригинал, чисто за проба). Во тој дел си правам разно разни комбинации од брашна и снегулки (но се разбира збирот од сите да биде 16 лажици) и на тој начин добивам секогаш различно тесто па на моите по дома не им е здодевно да го јадат! Пченично, пченкарно, интегрално, ‘ржано и друго брашно, овесни, ‘ржани, пченични и други снегулки, гриз, палента...сите доаѓаат во комбинација. А дополнително, ова е всушност и мојот рецепт за проја – од вкупниот број на лажици брашно, ставам дел бело, дел пченкарно и/или палента и си имам супер проја.
Подготовка:
1. Подготовката е многу едноставна. Најпрво пуштете ја рерната да се загрее на околу 200 степени целзиусови. Сите состојки со лажица се мешаат во длабок сад. Ќе добиете меко речиси течно тесто (зависно од комбинацијата на брашна што ќе ја употребите тестото има различна структура – потечно или полепливо).
2. Исипете го добиеното тесто во тавче (ако немате тавче кое не лепи, најдобро на хартија за печење) или ставете го во калапчиња за мафини. Печете во загреаната рерна се додека не зарумени одозгора и да си фати убава запечена коричка, а внатре да биде запечено, но ровко (може да проверите со чепкалка).
*Забелешка - Еве само идеја со што сѐ може да си играте и да експериментирате во рецептов семиња (чиа, лен, сусам, ким, семе од коприва, од тиква, сончоглед и слично, цели, кршени или мелени), спанаќ (јас си го чистам, мијам и го смрзнувам однапред, па овде само го вадам од замрзнувачот и го ситнам со кршење директно во тестото), сирење, урда, кашкавал, разни ситно сецкани зеленчуци или сувомеснати... Подолу во сликите може да видите две мои различни изведби со различно тесто и форма.
Рецептот е закон зашто после првото правење или две, си ги запомнувате основните мерки и секој нареден пат си го правите од памтење и си експериментирате со сѐ што ви се наоѓа по дома. Вкусна забава за вас и за вашите малечки – деца, внуци кој што си има.
Уживајте и добар апетит!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
Еве и една проја од истиов рецепт :)