Ашуре
Ашуре е турски десерт, кој кај муслиманите се прави во одреден период од годината наречен Месец на Ашуре. Толку научив од пријатели кога ја споделив сликата од ашурето на мојот профил. Ако знае некој повеќе нека пиши во коментар.
Долго време го гледав овој десерт по групите и не се осмелував да го направам. Мислев дека е некоја помија од блага вода и зарзават што плива во неа. Не сме ние многу мераклии по сувото овошје, а тоа преовладува овде. Ах, колку сум се излажала. Повод беше една затурена пченица, дел од гравот кој се вареше за гравче тавче и осамениот наут во конзерва. За да го направам решив да видам повеќе рецепти и да си створам еден н.з.с. Приметив дека во мк групи кај го гледав го прават без наут, грав и често и млеко. Решив да гледам турски рецепти. Е тие се со овие додатоци. Па, кад је бал, нек је маскембал. Не бидете скептици, пробајте го вака комплетно. Јас бев скептик, но завршив воодушевена од вкусот, а како го поделив по комшии и пријатели, реакцијата беше иста.
Подготовка
1. Сварете ги пченицата, наутот и гравот одделно. Секако, можи да користите конзервирани за полесно и побрзо. Додека се чека да се варат зрната, ставете ги бадемите во жешка вода да отстојат, додека излади и потоа излупете ги лесно. Можи да користите и лешници или било какви јатки ако сакате, секако тоа важи и за сувото овошје. Колку повеќе, толку побогато на вкус. Со алатка за лупење излупете ја кората од еден исчистен портокал и исечкајте ја на коцкички.
2. Кога сите зрна ќе бидат скоро варени, омекнати, ги ставаме заедно во поголемо тенџере и им додаваме од нивната вода за почеток 5,6 чаши и вариме 10 минути откако ќе зоврие.
3. Го сечкаме сувото овошје и го додаваме заедно со јатките и кората од портокал во тенџерето. На крај го додаваме и шеќерот и додаваме уште 4 +/- чаши вода. Додавањето на течност не е правило во мерките. Треба да е потечно, а не густо со зарзаватите внатре. Оставаме да вари на појак од среден оган 10-15 минути.
4. Нишестето го раствораме во млекото и го додаваме во тенџерето. Сега мешаме често и откако ќе зоврие вариме уште неколку минути, па го тргаме од рингла.
5. Цимет можи да додадете во него или откако ќе сервирате одозгора. Јас се решив за одозгора, затоа што не можев да одолеам на тој коктел од арома да не го оставам, таков каков што е.
6. Сервирајте го во мали чинивчиња, поделете го со пријателите и блиските и уживајте во вкусотијата.
П.С. Доколку сакате посна верзија, млекото заменете го со вода.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови