Царски дробеник или Kaiserschmarrn
Овој традиционален Австриски рецепт е светски познат и има историја како се подготвил за прв пат, која јас накратко ќе ви ја раскажам. Едната приказна е дека при лошо време царот се засолнил во домот на некои селани и домаќинката едноставната каша за тесто ја збогатила со јајца, млеко и овошје. Другата приказна е дека на дворскиот готвач не му успеале палачинките па им додал суво грозје и цреши, ги посипал со шеќер во прав и ги понудил како нова креација пред царот Франц Јосиф Први.
Кајзершмарн е впрочем раздробена палачинка збогатена со суво овошје, а како прилог со неа најчесто се послужува компот од суви сливи.
Подготовкава ќе ја објаснам детално, а инаку воопшто не е сложена да не речам е проста. Ја подготвуваме смесата и печеме на загреано тавче, ја дробиме и сервираме.Толку =)
Подготовка
1. Сувото грозје го прелеваме со рум.
2. Ги двоиме белките од жолчките.
3. Белките ги матиме со прстофат сол, да се волуменизираат , а жолчките ги матиме со шеќерите.
4. Во жолчките ги додаваме млекото и брашното и соединуваме со миксер.
5. Кон оваа смеса ги додаваме постепено белките и соединуваме со шпатула.
6. На загреана тава ставаме една лажица путер да се растопи па ставаме половина од смесата.
7. Врз смесата распоредуваме од процеденото суво грозје. Со шпатулата ставаме малку од смесата врз грозјето и размачкуваме да го покриеме грозјето.
8. Кратко време печеме од една страна и ја превртуваме палачинката од другата страна исто многу кратко да се запече.
9. Ја вадиме од тавчето и ја дробиме или сечкаме на ситни парченца. Може да ја вратиме вака издробена во тавчето и да се потпече со мешање, ама ако ви е добро испечена воопшто нема потреба да го правите тоа.
10. Ставаме путер да се растопи во тавче и ја истураме и втората половина. Ја печеме на ист начин.
11. Раздробените палачинки ги посипуваме со шеќер во прав и цимет. Сервираме со свежо подготвено пире од јаболка, компот од сливи или по желба.
Забелешка
Сувото грозје можете едноставно да го измешате во смесата и така веднаш да ја печете. Кај мене има од домашните што не сакаат суво грозје, па затоа смесата ја делам и во едниот дел ставав вака како што објаснив во подготовката.
Лиценца: Сите права се задржани