Фритули со Јаболко
За време на есенските денови едно од омилените овошја и најчесто вклучено во исхраната ни е јаболкото. Овојпат се одлучив да го вметнам јаболкото во добро познатите фритули, по истиот рецепт што го имам овде споделено, со таа разлика што сега наместо рендана кора од лимон или портокал, додадов рендано јаболко, а како резултат на тоа ја зголемив количината на брашно.
Подготовка
1. Во длабок сад, со рачна маталка, ги разматуваме следниве состојки во наведените количини (кисело млеко, јајце, шеќер, сол, ванила, ракија или рум). Потоа додаваме претходно измешани 200 гр од брашното и пецивото, миксираме кратко, колку да се хомогенизира смесата. Сега го додаваме јаболкото (измиено, излупено и изрендано на ситната страна од рендето). Потоа се додава брашно според потребата (смесата треба да биде средно густа).
2. Ставете го маслото во подлабоко тенџере. Запомнете дека фритулите не треба да го допираат дното на тенџерето, туку мора да лебдат во маслото. Имајте го ова во предвид и според тоа регулирајте ја количината на масло.
3. Загрејте го маслото на средна температура. Ако маслото е премногу жешко, фритулите брзо ќе потемнат, ќе изгорат и нема да се надувуваат при пржењето. Проверете со помош на дрвена лажица дали е доволно загреано маслото (околу лажицата треба да се формираат мали меурчиња). Црпиме од смесата со помош на мало лажиче ( го полниме само до пола) кое сме го брцнале кратко во маслото, потоа смесата ја пуштаме блиску и директно во маслото, буткајки ја со помош на друго лажиче. При пржењето сами се превртуваат, но пожелно е и вие да ги превртувате по неколку пати до заруменување. Оставете им на фритулите простор при пржењето и не го преполнувајте тенџерето, за тие да може убаво да се испржат од сите страни.
4. Испржените фритули ги вадиме врз хартиена салфета.
5. Послужуваме веднаш. Mожете да ги наросите со шеќер во прав и да ги полиете со течно чоколадо и да уживате во нив, или пак послужете ги со мед, мармалад, џем.
Забелешка - Разликата во наведената количина на брашно е поради тоа што зависи од тоа колкаво е јаболкото, колку е сочно и колку сок ќе пушти. Јаболкото кое јас го употребив беше со средна големина (околу 190 гр) и откако го изрендав на ситната страна од рендето не ја исцедив течноста што ја пушти, па тогаш го додадов во смесата (со тежина од 130 гр) и додадов уште точно 120 гр брашно.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани