Оваа лутенка е традиционален рецепт за зимница во нашето семејство. Ја приготвуваме со години и со генерации наназад, но ова е прв пат да ја приготвам јас. Лесна е за подоготвка, а многу вкусна.
1. Печените пиперки (вклучувајќи ги и лутите) ги лупиме и ги ставаме во мрежа над кофа да се исцедат преку ноќ во ладна просторија.
2. Следниот ден ги дробиме на покрупни парчиња со сакана големина во кофа или во некој друг голем и длабок сад, но не директно во тенџерето во кое ќе се пржат.
3. Доматите ги миеме со жешка вода, убаво ги чистиме (нема потреба од лупење) и ги блендираме, пасираме или ситно ги сечкаме (јас за оваа цел го употребив магичниот сецко од Делимано кој дефинитивно можам да го наречам моја десна рака).
4. Ги истураме во големо тенџере за подготовка на зимница.
5. Го подготвуваме огнот во шпоретот на дрва (ниту многу тивок ни многу јак) и пожелно е на топлата површина од шпоретот да се наредат метални капачиња од пиво (трик за да не загорува зимницата, важи за која било зимница и одлично функционира) па над нив да се стави големото тенџере кое сега за сега ги содржи само доматите.
6. На доматите потребно време за да се подварат им е 40 – 50 минути (во зависност од шпоретот/огнот).
7. Потоа ги додаваме дробените пиперки. Оставаме да се пржи 45 минути, па ги додаваме маслото и солта. После секое додавање на состојка мешаме убаво, со голема дрвена лажица.
8. После половина час до 40 минути откако сме ги додале маслото и солта, ги додаваме шеќерот и оцетот. Пак убаво мешаме, па пробуваме за да ја провериме киселоста и општо вкусот на лутенката.
9. После 20 минути ги додаваме, црниот бибер, лукот и ловоровиот лист.
10. Пак мешаме, убаво и силно, да се гледа дното на тенџерето кога ќе поминеме со лажицата.
11. После 15 минути го додаваме магдоносот и сега постојано мешаме, со тоа што после секое промешување ѝ даваме 5 минути одмор на лутенката (тогаш не мешаме).
12. Откако ќе ја додадеме и последната состојка, лутенката ја пржиме уште дополнителни 45 – 50 минути. Пржена е кога ќе стане сосема густа и на површината ќе видиме меурчиња.
13. Теглите се мијат, убаво се чистат и се редат околу тенџерето или на помалку топлата страна на шпоретот на дрва за да се стоплат додека дојде време за собирање на лутенката.
14. Готовата лутенка се собира во топли тегли кои што треба цврсто да се затворат со капачето и да се завртат наопаку (со капачето надолу), за да се вакумираат (3-4 минути).
15. Полните тегли се редат во корпа во која што има крпа или ќебе и се виткаат убаво, за да им биде топло и се оставаат така до утрото.
16. Всушност, лутенката е готова за консумирање веднаш по пржењето, но не во големи количини.
*Добро е да се проба дваесетина минути откако ќе се додадат сите состојки, за да се види дали е добра, доволно кисела, солена, лута итн.
*Од оваа доза излегоа 8 големи и 2 мали тегли.
*Ако се сака полут вкус, се додаваат повеќе лути пиперки.

Добар апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови