Крофните не се пржат, се приготвуваат за 4-5 минути, а ако сакате малку посветли да бидат, времето на подготовка може да биде и пократко. Рецептот е прилагоден за солен од рецептот за БЛАГИ КРОФНИ ОД АПАРАТ ЗА КРОФНИ.

Вклучете го апаратот да се загрее. Додека ја приготвувате смесата, апаратот ќе биде спремен за печење.

Јајцата и шеќерот убаво матете ги додека шеќерот не се стопи, а смесата не стане убава и густа.
Додадете ги маслото, јогуртот и кечапот, изматете и потоа додадете го брашното, солта, зачините и пецивото. Матете на мала брзина за да не се разлета брашното и сувите зачини. Смесата е густа, погуста од таа за палачинки. Додадете ги сувомеснатите и кашкавалот (доколку одлучите дека сакате да бидет во смесата)
Смесата за крофничките е готова.

Сипајте од смесата во калапчињата за крофнички. Полнете ги калапчињата до врвот, затворете го капакот и печете.
Додека се уште топли можете да посипете однапред изрендан кашкавал и да посипете со оригано или босилек.

Совети:
- Јас со нашето апаратче ги печам 4-5 минути бидејки сакаме малку крцкава коричка. Инаку готови се за од прилика 3 минути. Проверете сами како ќе ви одговара најмногу.
- За да не се мачите да ги полните калапчињата со лажица користете готварски шприц или наполнете кесе за замрнувач на кое ќе му исечете мало делче од ќошето и ќе ја користите како шприц.
- Пожелно е да користите кесе или шприц бидејки со тоа ќе го забрзате процесот на работа. Кога ќе ја ставите смесата во апаратчето, таа веднаш почнува да се пече и нараснува. Ако работите полека смесата ќе претече и нема да ја добие убавата форма на крофна.
- Во упатството пишуваше дека може да се користи мерица (бокалче) за смесата, но оваа смеса е погуста и не дозволува таков начин на сипање.
- Доколку сакате во самата смеса додадете ситно сецкани парченца сувомеснато или кашкавал.
Парченцата исецкајте ги ситно за да не ви се заглавуваат во шприцот или исецкани нека стојат на страна, наполнете го калапчето, но не до врв, наредете сувомеснато или кашкавал и дополнете го калапчето. Работете брзо за да не претече смесата.
- Горниот дел од крофната ќе биде посветол од долниот (во зависност колку време ги печете). Тоа не е бидејки не работи греачот, туку бидејки долниот дел подолго време е во допир со плотната, а горниот дел треба да нарасне и да допре до горната плотна.
- Оваа количина е голема, за проба можете да направите половина доза, иако ние по дома никогаш не правиме половина доза.
- Јас на мобилен местам тајмер да ми ѕвони по 5 мин, за тоа време си работам друго или го полнам шприцот за следна тура.
- Сувоемеснатото може да го пропржите на малку масло за подобар вкус. Одземете малку од количината на масло во рецептот и пропржете, па сипете се' во смесата за печење.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани