Позади овој рецепт стои цела една историја, на пример кога немале квасец старите домаќинки го употребувале квасот од месениот леб, па зелникот го печеле во фурна и имал уште поубав вкус, си позајмувале состојки една со друга – и најважно, семејствата се канеле на ручек кога едната ќе месела зелник. Името му е сиромашен поради тоа што е посен и не содржи речиси ништо во тестото – ова според баба ми.
Одличен посен рецепт за зелник/пита, на старински начин, кој верувам на сите ќе им се допадне.
Коцката квасец се става во длабока чинија заедно со 400 мл. млака вода, малку шеќер и малку од брашното и се остава да се активира.

Филот се подготвува така што празот се сече на поситни парчиња, се посолува и се помешува со малку масло. Се става во тава на оган и се обарува, малку колку да омекне.
Брашното и солта се мешаат, се додава активираниот квасец и се замесува тесто. Добро се меси, додека не престане да се лепи за раце, па се остава околу половина час да стаса. Потоа се вадат 12 топчиња со големина како на сликите. Секое топче се расукува по малку, како на сликите, и потоа две од нив одат едно над друго, па се расукува широка кора, колку што е можно потенка, па се раширува врз тавата за печење, која е премачкана со масло и надвор од неа, ако сакате да виткате витки.

За еден зелник треба да се употребат четири топчиња, односно две кори. Кога ќе се затвори зелникот, пак го попрскуваме со масло. Ќе се добијат 3 пити. Помеѓу нив се става од обарениот млад праз (или друг фил по желба). По желба се прават витки (како на фотографијата).
Готовите зелници пред печење ги боцкаме со виљушка или чепкалка, па се оставаат да одморат 10 мин., потоа се печат во загреана рерна на 200 степени, околу 20 мин., додека не поруменат. Откако ќе се испечат се покриваат со крпа и најлонска кеса/фолија и се оставаат 10 мин. да одморат. Се служи со кисело млеко или јогурт, секако, ако не постите. На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови