Сурова веганска храна е храна исклучително од растително потекло која што не е термички обработена т.е. не се загрева на температура над 47°С степени бидејќи се смета дека со тоа се уништуваат најголемиот дел од нејзините ензими, витамини, минерали и останати хранливи состојки. Единствената обработка се состои во сечкање, цедење, блендирање, `ртење и дехидрирање. Постојат стотици видови на сурова храна кои можат да се консумираат онака како што дошле од природата, почнувајќи од зеленолистести растенија и зеленчук, овошје, јатки, семки, `ртени житарки и мешунки. Дел од придобивките од консумирање жива храна се: зголемена енергија, избалансирана тежина, подобрен имунитет, чиста кожа, сјајна коса, изострен ум и алкализација на телото.
Сурово и вкусно е првиот блог за неготвена храна на македонски јазик, и претставува збирка на белешки поврзани со суровата храна и нејзините бенефиции, како и избор на рецепти за приготвување на живи јадења (кашести сокови, растителни млека, шејкови, макала, главни јадења, салати, и неодоливи десерти). Автор на блогот е Ана Азгоур, мајка на три деца на претшколска возраст, која успева да издвои по триесетина минути за во кујна, и да експериментира со нови здрави рецепти за себе и своите најблиски.