Кога ќе си измислам рецепт, уште па кога ќе се погоди феноменален ми иде сама на себе да си честитам на ударни вести =))
Лесен и брз рецепт, погоден и за пости и за диеталци бидејки е со малку масло, а вкусот нас не остави без зборови. Мерките можете да ги менувате според вкусот, но ние најчесто вака ја приготвуваме. Кромидот личи како да е многу, но имајте на ум дека кога ќе се спржи, ќе спласне, па таман си доаѓа.

Пченицата сварете ја. Јас кога ја јадам блага, сакам да е потврда, да крцка, но за овој рецепт намерно ја преварувам, поубаво се спојуваат вкусовите на пржен кромид и црвен пипер.
Исцедете ја пченицата. Течноста во која се варела не ја фрлајте, додадете сладило по желба и испијте ја. Многу е здрава и полна со витамини.
Јас кога варам пченица, ја варам во големо тенџере за да има повеќе вода. Им ја давам како сокче на пилиштарциве со мед или сладило од урми.

Кромидот исецкајте го. Не мора на ситни коцки, доволно е на полумесечинки.
На оган ставете сад со малку масло. Јас го користев длабокиот сад со рачки на Делимано, па немаше потреба од многу масло, само тенко на дното колку за подпржување. Маслото убаво нека се загрее и додавајте го кромидот на неколку пати. Додадете од прилика 1/4 кромид, оставете ја убаво да се пропржи, да испари вишокот вода, па додадете втора тура, пак да се пропржи и испари вишок вода и така до крај. Ако го додадете цел кромид одеднаш ќе пушти нагло многу вода и нема да се пржи туку ќе се свари. Нема да биде неубав за јадење, ама поубав е пржен.
Кога целиот кромид е убаво пропржен доколку сакате додадете малку шеќер. Ќе му даде убав карамелизиран вкус. Јас така го обожавам. Додадете го и црвениот пипер и убаво запржете го да замириса и да отвори апетит.
Може да се јаде како салата, може и да се користи како гарнир кон други јадења.

Во поголем сад измешајте ги варената пченица и пржениот кромид.
Може да стои во фрижидер без проблем цела недела, ама нема да стои. пробавме, не ни успеа. Памет таму ни леташе и само тоа јадевме.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани