За љубителите на домашна вкусна торта, богата со ореви и чоколадо, идеална за убав повод...роденден, слава, матурска или како во случајов дипломска.

Подготовка

1. Пандишпан - Во длабок сад за матење ги миксираме белките со постепено додавање на шеќерот до нивно згуснување. Потоа ги додаваме оревите, соединуваме со рачна маталка. Смесата за пандишпан ја истураме во голем плех (од шпоретот) врз хартија за печење. Печеме во загреана рерна на 180 степени (проверуваме со чачкалица). Испечениот пандишпан го вадиме од плехот, нека олади кратко, па ја тргаме хартијата. Покриваме со чаршафче за да не се суши, па пред филувањето го сечеме на 3 еднакви делови во должина.

2. Подготовка на филот - Во сад на пареа ги ставаме жолчките и шеќерот. Миксираме околу 15-20 минути, до згуснување. Сега го додаваме чоколадото (искршено на помали парчиња) мешаме да се стопи и тргаме настрана. Овој фил го префрламе во друг сад, покриваме со стреч фолија и го оставаме да олади. Откако ќе олади филот, во него го додаваме посебно изматениот путер (лажица по лажица) и миксираме до хомогенизирање. Филот е готов, но пред да го филуваме пандишпанот, го оставаме филот барем пола час во фрижидер делумно да се стегне.

3. Филот се дели на 3 дела, секој дел рамномерно се нанесува врз 3-те ленти пандишпан. Вака филувана тортата ја оставаме во фрижидер до декорирање. Јас овој дел го правам скоро секогаш претходниот ден, а наредната ден за кога ми треба тортата само ја декорирам.

Забелешка - За љубителите на рум, додадете 1-2 лажици (по вкус) рум во филот.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани