Кога имаш пиперки, но ти недостасува мелено месо, ќе си направиш посни полнети пиперки. Ете и така можело и навистина се превкусни. За полнење на пиперки повеќе преферирам црвени пиперки, повкусни и послатки ми се барем мене, не за џабе за нижење пиперки се одбираат токму црвени пипери, но и зелениве бркаат работа ако немате црвени. Зелената свежа пиперка е најдобра за салата.

Подготовка:

1. Запржете го кромидот на малку масло, додадете ги сечканите моркови, грашокот, лукот, доматот, оризот, пропржете многу кратко, па додадете 200 мл од доматниот сос. Промешајте, додадете ги зачините и тргнете го тавчето од ринглата. Не треба да вари.
2. Пиперките измијте ги и исчистете ги од семето и дршките. Со помош на лажиче, наполнете ги пиперките, наредете ги во тавче, истурете го останатиот доматен сос и дополнете со вода да се покријат пиперките. Одозгора попрскајте малку масло, по желба зачини и ставете да се печат во загреана рерна на максимална температура околу 1 и пол час.

*Забелешка: Кога ќе бидат запечени од едната страна, превртете ги од другата, а ако има потреба, додадете малку вода или доматен сос. На крајот може да подготвите 1 филџан со вода, помешан со 1 лажица брашно и 1/2 лажица црвен пипер и да го додадете во тавчето за екстра сос и да оставите да печат уште неколку минути.
На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови