Еве една идеја како да подготвите брз и вкусен неделен појадок, а да не бидете многу време во кујна. Интересно кај питава е тоа што скоро секое парче што ќе го пресечете содржи два фила, бидејќи при подготовката и редењето тие се преклопуваат.

Подготовка
1. Сланината за првите два фила ја сечкаме на коцки и ја запржуваме. Ја тргаме на страна да подизлади додека го замесуваме тестото.
2. Квасецот заедно со шеќер и малку млако млеко го оставаме некоја минута да се активира.
3. Додаваме пециво и сол во брашното и промешуваме. Ги додаваме течните состојки, најпрво квасецот, па маслото со киселата павлака и целата смеса ја замесуваме со млако млеко.
4. Месиме додека тестото да ни стане компактно и еластично. Тестото нема потреба да стасува затоа веднаш го делиме на три дела и секој дел го расукуваме во круг. Круговите треба да ни бидат идентични. Ги филуваме на половина од кругот.
5. На првиот размачкуваме урда, редиме половина од пржената сланина и додаваме сув спанаќ.
6. На вториот круг тесто размачкуваме кечап, редиме димена сланина, па рендаме пармезан и наросуваме босилок.
7. На третиот круг распоредуваме ајвар, па ред пржена сланина и рендаме кашкавал, а наросуваме оригано.
8. Секоја половина од тесто ја преклопуваме и притискаме на краевите за да не ни излегува од филот при печење, како кога подготвуваме панцероти.
9. Ги редиме во тава бр.26 така да секој круг се преклопува со наредниот. Краевите ги увиткуваме дел по дел, за да се спојат и не им излегува филот.
10. Целата пита ја премачкуваме со разматена жолчка, а на краевите наросуваме сусам.
11. Ја вклучуваме рерната на 180 степени да се загрее, па потоа ја ставаме питата на печење до поцрвенување.

Оставете ја малку или сосема да подизлади пред сечење.

Забелешка
Тестото треба да ни биде средно меко, затоа треба да внимаваме на додавање на млекото. Ќе почуствувате на рака , ако смесата станува тврда и тешко се замесува, значи ќе треба да се додаде уште малку млеко, и обратно, може и да не го искористите целото млеко, а тоа зависи од брашното, исто како и од влажноста на киселата павлака. Во состојки ми е пишано точно колку јас искористив, па водете се по нив.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани