Не знам што да ви кажам освен дека имавме прекрасен и вкусен неделен ручек. До сега немав подготвено лазања со пилешко, а ниту со сланина. На домашните им се допадна многу, а дури имаше и коментари дека им била повкусна од класичната лазања што ја подготвувам.

Подготовка
1. Најпрво го мелеме пилешкото месо(гради) во сечко или апарат за мелење месо.
2. Го ставаме да се пржи на свинска маст или масло. Кон крајот на пржењето го зачинуваме со мешан сув зачин или сол. Ставаме и прстофат оригано.
3. Супата ја раствораме во млекото и откако ќе почне да врие ја вриеме уште некоја минута со постојано промешување.
4.Во соодветен калап за ролат ја распоредуваме сланината, која треба да ни го покрива калапот, ама и да виси од страните за да потоа убаво ја завиткаме лазањата со неа.
5. Врз неа ставаме пилешко, рендаме кашкавал, ред ставаме кори за лазањи. Врз корите распоредуваме од бешамел супата, пак ред месо, па ред сечен домат, па ред кашкавал, врз кој ставаме повторно бешамел и така уште еден ред од кори, месо и бешамел супа.
6. Лазањите ги завиткуваме со сланината која ни беше надвор од калапот.
7. Печеме на 180 степени околу 25-30 минути. Откако ќе се испече ја превртуваме од калап и ја сервираме.

Забелешка
Јас за во филот искористив крем супа од брокула, можете ако сакате да ставите крем супа од печурки или да си подготвите класичен бешамел, ама со супа е многу повкусна.
Крем супата не ја подготвував како по приложеното упатство. Таму пишува дека се раствора во 750 мл вода, а јас за да ми биде погуста, со структура на бешамел, ја растворив во млеко и ја вриев кратко додека да се свари.
Откако ја испеков лазањата и ја превртев , некако сланината која ми беше одоздола во калапот како да не ми беше крцкава и печена, иако беше совршено поставена и целата лазања покриена, мене нешто не ми се допаѓаше на изглед. Затоа вака превртената лазања ја ставив кратко во рерна за да се допече сланината, која пак се собра при печењето. Тоа беше по мој вкус, а вие по ваш вкус и ваша желба.
Фотографијата е направена веднаш штом е испечена лазањата.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани